Како што почна минатата 2023 година, така и заврши со големи акции на МВР за сузбивање на криминалот во државата, но главните протагонисти во најголемите случаи не беа фатени, туку се недостапни за органите на прогон.
На 26 јануари падна криминалната група Дуќанџиќ/Грчец, но не и нејзиниот лидер Шеваљ Муареми. Се товарат за трговија со дрога и неколку убиства. КОД го најде во Дубаи. Таму отишол 6 месеци пред да биде распишана потерницата и во Дубаи имал намера да живее. Да имало цврсти докази ќе го затвореле и ќе бил испорачан, но тој се уште е во градот на луксузот.
Кривична пријава заработи, но не и потерница и неговиот соработник познат како Репки. Кој за КОД од Шпанија даде интервју. Државата била корумпирана и немало работа тука.
И додека се редеа потерниците за припадниците на Дуќанџиќ на листата на МВР се најде и едно неочекувано име, кое додека се обелодени случајот против него веќе беше во Косово. Поранешниот вицепремиер Артан Груби осомничен во случајот „Државна лотарија“ и покрај тоа што иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“ ја поминал границата.
Заведен бил дека тоа го направил пешки, но всушност поминал со дипломатско возило благодарение на почесниот косовски конзул Арсим Папранику. А кај е Груби. Едно прашање а многу различни одговори…
Коалиционите партнери не беа синхронизирани. Додека првиот вицепремиер Изет Меџити откри дека Груби всушност е во Албанија, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не сакаа да шпекулираат.
-Различни се информациите. Не би шпекулирал сега дали е во Албанија дали е на Косово. Факт е дека не бил чист како солза, бидејќи ако бил чист како солза немало потреба да биде бегалец од правдата, туку ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност, рече Мицкоски.
-Досега официјална потврда од ниту една соседна држава не е доставена до МВР. Повторно ќе напоменам дека не би си дозволил од позиција на министер за внатрешни работи да шпекулирам во однос на одредени информации кои што кружат во јавноста претходниве денови, рече Тошковски.
И на крај дилема немаше, туку се потврди она ни Мицкоски ни Тошковски не сакаа да го кажат, а го соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Груби се наоѓа во западниот сосед, но ќе се врати во земјава само ако има договор правдата да не се злоупотребува за политички цели. А во меѓувреме со другиот осомничен поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами кој исто така се бара со потерница, никој не се занимава каде е. Се знае само дека подолго време не е во државава.
И додека едни се жалат дека државата е корумпирана или се цел на политички прогон, уште еден осомничен екс директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на ден пред нова година се најде во делот потраги на МВР. Но, за него потерницата не беше експресна. Најпрвин доби мерки на претпазливост за случајот Адитиви за потоа да добие и притвор и на крај по речиси еден месец од фактот дека е недостапен за органите на прогон да почне да се бара и надвор од границите на земјава.
А сознанијата на Телма се дека со автомобил со битолски регистарски таблици на 31 август го преминал граничниот премин Меџитлија. Се шпекулира дека се наоѓа во Виена.
Ако годината започна со апсењата на припадници на Дуќанџик, заврши со апсењата на припадници на ривалската Беланоца/Барон. Во овој случај лидерот на Беланоца/Барон, Фатљум Ајети Тоте не можеше да избега, бидејќи веќе се наоѓа во затвор. А засега осомничените кои се далеку ќе ни посакаат…
Марија Митевска