Нови мистерии за одлучувањето на Антикорупциска за предметот на директорот на АНБ отвара објавената одлука на ДКСК дека Бојан Христовски е „чист како солза“. На одлукате е потпишана само Цвета Ристовска, а просветниот инспекторат вршел инспекција пред ДКСК да побара.
Просветниот инспекторат на некој начин предвидел дека Антикорупциска ќе му побара да врши инспекција за факултетската диплома на директорот на АНБ, па ден претходно извршил инспекција. Ова стои во одлуката за предметот за Бојан Христовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност која е објавена на сајтот на ДКСК.
Одлуката открива многу мистериозни и сомнителни работи при одлучувањето на Антикорупциската комисија.
Предметот не е отворен како предмет за корупција туку како предмет за судир на интерес и на тој начин стигнал во рацета на Цвета Ристовска која претходно предавала на Економскиот факултет на УТМС чија диплома била дел од предметот за директорот на АНБ.
Антикорупциска при отварање на предмети по претставки, пријави или по допрен глас ги дели предметите во три кластери- како предмети за корупција, за судир на интереси или за имотна состојба.
Предметите кога се разгледувале дипломи, сертификати или исполнување на услови за функција порано се разгледувале како предмети за корупција, а предметот за Бојан Христовски со слична претставка е ставен во кластерот судир на интереси.
Нов сомнеж во одлучувањето на ДКСК даваат и потписите на одлуката на ДКСК. На неа е потпишана претседателката Татјана Димитровска и како одобрувач на одлуката е Цвета Ристовска.
Нема ниту кој го подготвил документот ниту кој го контролирал. На иста седница има и други одлуки на Цвета Ристовска, но таму стои како што е предвидено односно има три потписи, а не само еден како во предметот за директорот на АНБ. Во одлуката нема објаснување зошто е избран уникатен модел за оваа одлука. (ФОТО од одлука на ДКСК, првата е од одлуката за Христовски, втората од одлука за друг директор)
Најголемата мистерија е со просветната инспекција. Во документот стои дека ДКСК на 6-ти декември побарала инспекција за дипломата на Христовски, а извештајот го добила на 20-ти декември.
Но, таа просветна инспекција веќе била „нарачана“ и извршена ден претходно, открива одлуката на ДКСК каде стои дека инспекцијата била направена на 5-ти декември, ден пред ДКСК воопшто да побара инспекција. Нема логично објаснување зошто антикорупционерите не ја забележале предвремената акција на Инспекторатот и не го нотирале во својата одлука. (ФОТО од одлука на ДКСК)
Исто така во одлуката не се спомнува никаде дека поради можен судир на интереси Цвета Ристовска барала изземање од предметот иако според деловникот на ДКСК, тоа барање мора да биде дел од списите на предметот и да биде кажано на седницата, а не беше.
ДКСК и натаму останува на ставот дека Ристовска немала судир на интереси затоа што предавала на Универзитетот за без пари. Досега нема реакција ниту од Просветниот Инспекторат ниту од УЈП за проверка на тврдењата дека некој со години, без договор ,предавал на факултет и не земал пари преку сметка за пружените услуги.
Миомир Серафиновиќ