ЈСП остана без прв човек откако му заврши мандатот на в.д. директорот Драги Кушовски, а според информации на Телма веќе два дена градската власт нема назачено ново раководно лице. Кушовски не одговори на нашите повици.
Миќо Стојановски од Синдикатот во ЈСП ни изјави дека претпријатието повторно се соочува со недостиг на гориво поради што бројот на автобуси е редуциран и постои опасност да нема јавен сообраќај на први јануари.
Во време на мандатот на Драги Кушовски во ЈСП кој почна на 26-ти јуни годинава, најголем проблем се случи со недостигот на нафтата и долговите на ЈСП. На почетокот на декември, ЈСП едноставно снема нафта, а главниот град остана без превоз. Се направи интервентна набавка на нафта за 2 милиони евра за наредните три месеци, а владата донесе одлука да прогласи енергетска криза за да даде гориво на ЈСП од државните резерви.
За време на неговото раководење имаше низа скандали и реакции како од граѓани, така и од своите вработени. Дел од шоферите се жалеа дека возат неисправни автобуси, дефектни возила можеа да се забележат речиси секојдневно по градските улици, а и повремено се исклучуваа бидејќи немаа нафта. Граѓаните остануваа на автобуските постојќи да чекаат превоз и со часови.