Каде е Артан Груби, поранешниот вицепремиер осомничен во случајот „Државна лотарија“? – Во Косово, Албанија или друга земја? – Ова прашање со денови не добива одговор. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за време на вчерашното гостување во „Топ тема“ не сакаше да шпекулира, но сака да верува, како што и самиот Груби порача дека ќе се врати во земјава, бидејќи бил чист како солза и затоа што смета дека основните сомненија на МВР и на обвинителството не се така како што ги толкуваат надлежните институции.
Груби откако се обелодени случајот против него кажа дека се наоѓа на Косово. Првиот вицепремиер Изет Меџити изјави дека според негови информации Груби се наоѓа во Албанија. За Груби има меѓународна потерница, а Тошковски вели дека имаат комуникација и одлична соработка со сите соседни земји.
„Досега официјална потврда од ниту една соседна држава не е доставена до МВР. Повторно ќе напоменам дека не би си дозволил од позиција на министер за внатрешни работи да шпекулирам во однос на одредени информации кои што кружат во јавноста претходниве денови“, рече Тошковски.
А сега за сега, формално Груби, според министерот, е лице кое е недостапно на органите за прогон, а не бегалец од правдата.
„Би сакал истиот да се одважи во иднина и пак ќе потенцирам како што кажа дека е чист како солза да пристигне во Македонија. МВР има капацитет да ја гарантира неговата сигурност. Сите органи кои што во оваа држава согласно закон се надлежни да постапуваат ќе постапат. Сметам дека ако еден човек толку многу долго време се занимавал со политика, бил на државна сметка и платен од граѓаните, најмалку што може да стори е при ваков јавен интерес да ги одложи своите приватни обврски ако ги има и да се врати во Македонија и истиот во соодветна законска постапка ги докаже сите оние тези во делот на неговата одбрана што ја гради“, изјави Тошковски.
Во однос на кривичната пријава и на прашањето дека заменик претседател на Влада не усвојува информации, тие се усвојуваат од сите членови на владата Тошковски одговори дека ако е така и теоријата на МВР и на јавниот обвинител е погрешна зошто Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Барами се недостапни на органите на прогонот.
„Сметам дека оваа кривична пријава, јавниот обвинител во рамки на неговата надлежност и те како има простор да ја надополни во рамки на соодветната истражна постапка, и те како има можност да се обезбедат дополнителни докази, дел се обезбедени дел ќе се обезбедат се надевам и се надевам дека во рамки на своја надлежност ќе утврди дејствија кои што на крајот ќе овозможат не само оној којшто сторил кривично дело да одговара, туку и да се вратат парите кај граѓаните. Во оваа постапка при претресите најдени се поголеми суми на парични средства“, додаде Тошковски.
На 15 декември кога Груби излегува од државата е ставен на стоп листа, а тоа било по усна наредба од јавен обвинител. Но за жал, според Тошковски, полицискиот службеник откако му ги вратил пасошот констатирал дека Груби е на стоп листа. Кардинална грешка направил полицискиот службеник и Тошковски додава дека најмалку треба да одговара за несовесно работење, а притоа на обвинителството е да истражи дали повеќе лица му овозможиле на Груби слободно да си замине.
Марија Митевска