Јазичниот ТОЕФЛ сертификат од „Јулија“ во Пловдив е валиден, додека не се докаже спротивното, оценија едногласно Антикорупционерите и ја исчистија биографијата на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
ДКСК одлучи дека не е надлежна за да го проверува сертификатот, но изгласа и да не ја чека одлуката на Обвинителството кое истражува дали непостоечкото јазично студио во Бугарија го тестирало Христовски и утврдило дека освоило 75 ТОЕФЛ поени по англиски јазик.
Досега веќе има две судски пресуди за фалсификати на ТОЕФЛ од школото „Јулија“ во Кривичниот суд. Бугарија, исто така, има истрага за ова сомнително јазично школо, но тоа не ги поколеба членовите на ДКСК едногласно да ги дигнат рацете и да утврдат дека Христовски е чист како солза.
Антикорупциска нема надлежности да проверува сомнежи за фалсификати на документи што е работа на обвинителството, а такви документи според нив се валидни.
„Поради сомневање за автентичноста за наведениот сертификат, ДКСК истакнува дека нема овластување да проверува и утврдува автентичност на документи кои бараат експертиза надвор од надлежности на ДКСК, согласно закон. Надлежноста е на основно јавно обвинителство каде што е доставена кривична пријава, а документот е валиден додека не се докаже спротивното“, посочи Цвета Ристовска, член на ДКСК која го работеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност.
Антикорупционерката Ристовска ја образложи одлуката врз основа на документи добиени од владата која го предложи Христовски за директор. АНБ, која ја води Христовски, и просветниот инспекторат, кој ја проверуваше дипломата на директорот, издадена лани на Економски факултет на скопскиот Универзитет за менаџмент и туризам.
Дипломата, пак, според документите кои се и појавија и на пратенички прашања во Собранието била потпишана од ректорот Аце Миленковски и деканот Сашо Кожухаров кој пред осум дена мистериозно почина, а обвинителството отвори истрага.
ДКСК во петок попладне (на 20 декември односно само 4 дена или еден работен ден пред седницата) го добила решението од просветниот инспектор дека таквата диплома е чиста.
„Државниот просветен Инспекторат (ДПИ) постапи и достави допис во кој се констатира дека нема неправилност во работењеото на универзитетот, односно приложените уверенија и дипломи се издадени во согласност со законски прописи“, објави Ристовска и дополни дека ДКСК нема надлежност за директна експертиза на документите.
Безбедносната проверка за сертификат „државна тајна“ на новиот директор му ја правел неговиот заменик, бидејќи Христовски беше избран со документ за „строго доверливо“.
„Станува збор за детална безбедносна проверка“, рече Цвета Ристовска од ДКСК.
Таа постапка беше завршена во рекордни десет дена, но Цвета Ристовска не го спомна тоа, па ДКСК сметаше дека и тоа е исполнет услов за директорската позиција, како и доволниот стаж за работа и началнички позиции во безбедносните агенции, државјанство.
ДКСК потврди и дека Христовски не е партиски човек, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја напуштил лани во ноември. Имал државјанство, а немал судски забрани за функцијата. Предметот за Христовски е отворен во обвинителството и чека меѓународна правна помош од Бугарија од каде стигнал јазичниот сертификат.
Факултетот за безбедност го избра Христовски за асистент, па тој им одржа директорско предавање на своите колеги со професорско звање и рече дека нема да се откаже од директорската позиција.
Бојан Христовски е избран за директор на средината на октомври, а пред пет години не го помина ветингот и не беше префрлен на работа од згаснатата УБК во новата агенција.
Миомир Серафиновиќ