Вести Македонија Најважни

Мицкоски не сака да шпекулира кај е Груби, но факт е дека не е чист како солза

Дали поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен во случајот „Државна лотарија“  е во Албанија, премиерот Христијан Мицкоски не би шпекулирал.  Оваа информација ја обелодени првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити во изјава за албанската телевизија „Ора вести“, дека според неговите информации, Груби ги напуштил границите на Косово и се наоѓа во нашиот западен сосед. Според Мицкоски, ако Груби е чист не требало да бега туку да ја брани својата невиност.

„Различни се информациите. Не би шпекулирал сега дали е во Албанија дали е на Косово. Факт е дека не бил чист како солза, бидејќи ако бил чист како солза немало потреба да биде бегалец од правдата, туку ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“, рече Мицкоски.

Мицкоски за пораките од СДСМ дека власта го пуштила да избега Груби, а од ДУИ дека повеќе не е член на нивната партија додаде дека не се во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата.

Од МВР за Телма соопштија дека во координација со Интерпол и полициите од другите држави се преземаат мерки за пронаоѓање на Груби.

МВР поднесе и кривична пријава за злоупотреба на службената положба против полицискиот службеник со иницијали Б.Ј, кој му дозволи на Груби да ја премине границата иако за него имало активна мерка „задржи и веднаш извести“. Полицискиот службеник не извршил адекватни проверки на „мерцедесот“ со дипломатски таблички, не го евидентирал за остварување излез и Груби и неговиот сопатник почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику ги завел дека пеш ја поминале границата. Груби границата ја поминал со македонски пасош.

Од СДСМ денеска реагираат дека се јалови обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Груби и повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и на министерот Панче Тошковски.

„ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски сами си ги креираат сценаријата за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата наместо да се соочи со одговорност. Груби мора да биде итно спроведен пред лицето на правдата. Но, денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, соопштија од СДСМ.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски пак изјави дека екс премиерот Димитар Ковачевски кон Груби гледал како на актер кој и овозможувал на партијата и нему лично што повеќе да се задржат на власт.

 „Политичката мотивација беше едноставна, колку повеќе ќе му се дозволи на Артан груби да се занимава со незаконити работи и да биде доминантен фактор во владата па и надвор од владините институции во случајот во лотарија толку подолго денови недели или месеци Ковачевски ќе биде премиер на државата. Тоа беше цената заради која Ковачевски с е согласи наместо премиер да му биде асистент на вистинскиот човек кој што ја имаше моќта во власта а тоа беше Артан Груби“, изјави Милошоски.

МВР за Груби и за поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами распиша меѓународна потерница. Се гонат за проневера од околу 8 милиони евра. Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување.

Марија Митевска


 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе