Две од лицата кои го запалија македонското знаме се блиски до Артан Груби, тврдат од Вреди, кои ова го поткрепија и со фотографии, сликани на настани на ДУИ. Обвинија дека од оваа партија ги користат младите како “топовско месо“, само за да ја избегнат правдата што ги чека. Велат и дека, на ДУИ не им се допаднало што Албанците слободно ги славеле празниците од Куманово до Струга, но дека ќе ги демаскираат нивните планови за дестабилизација на државата.
– Не се обидувајте да ги чепкате Албанците затоа што тие се наш аманет, одговорни сме и за оние млади луѓе кои ги условуваш да прават недолични постапки. Младите не стануваат камикази, о Артане! Лицемерие е да ги поттикнуваш младите да го запалат знамето што ти го носеше во канцеларија. Повторно не успеа, научи ја вистинската лекција, направи една акција со две добри дела. Бегајте од ДУИ, спасете ја партијата што ја уништивте, спасете ги Албанците од вашите планови кои ги жртвуваат младите без милост, порачаа од Вреди.
Од ДУИ негираат вмешаност во инцидентите.
„Јасно и недвосмислено изјавуваме: ДУИ нема никаква врска со организирање на инцидентите. Секоја изјава или обвинување во таа насока е целосно неоснована, клеветничка и злонамерна. Нема да дозволиме да бидеме предмет на политички спинови и манипулации. Ќе ги преземеме сите правни мерки против овие лажни обвинувања и ќе побараме одговорност од сите инволвирани во ширењето на овие дезинформации„ реагираат од ДУИ.
Министерката за образование, пак, најави дека утре Државниот просветен инспекторат ќе го посети основното училиште „7 Март“ во Челопек, за да ја испита одговорноста за организирање на училишна приредба на која учениците биле облечени во униформи со амблеми на УЧК. Ќе се утврдува одговорноста на директорот, наставниците и стручниот тим во училиштето.
Јаневска најави дека ќе поведе соодветна постапка против училиштето, а инспекторите ќе постапуваат и во други две училишта каде имало слични активности. Апелираше до сите училишта, да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје. Повика и заедно да се слават личностите и победите низ историјата.
Партиите, пак, не престануваат со меѓусебни препукувања. СДСМ обвинуваат дека полицијата не делувала превентивно и навремено и дозволила состојбата да ескалира. Упорни се во барањето за лидерска средба на која ќе се разговара за безбедносната ситуација.
„Потребно е заедничко делување на сите релевантни политички фактори, политичарите да покажат зрелост во овие моменти и заеднички да помогнат за стабилноста на државата.Граѓаните треба да ја видат сликата на заедништво – сликата на лидери кои се подготвени да седнат на иста маса, да разговараат и заеднички да се справат со сите предизвици„ порачаа од СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ, пак, им враќаат дека ова се нивни сценарија и на ДУИ, но дека се навреме откриени и разбиени.
„СДС и ДУИ би требало да знаат дека националните симболи не треба да бидат жртва на ваквите нивни игри.СДС да престане да се служи со најниските форми на манипулација, наместо да се соочат со реалните кризи на граѓаните и да бидат конструктивна опозиција, тие избираат да разгоруваат тензии.Сите нивни обиди за креирање раздор нема да бидат толерирани, а сите оние кои се обидуваат да ја загрозат стабилноста на македонското општество ќе се соочат со соодветни правни реперкусии и соодветен одговор на институциите„, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
По серијата инциденти што пред два дена се случија за време на прославата на Денот на албанското знаме, се уапсени 17 лица во Скопје, Куманови, Охрид,Прилеп и Кичево. Дел од нив се малолетници. Уапсени се и лицата кои го уништуваат македонското знаме, но и тие кои го сквернавеле албанското знаме, како и малолетникот што во Куманово ја откорна таблата на српскиот конзулат.
Тројца од нив добија и мерка притвор.
Далиборка Цветановска Демјанска