Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови. Во западна Македонија провејува слаб снег, додека во останатите делови врне дожд.
Авто мото сојузот на Македонија порачува дека дека на патниот правец Тетово-Попова Шапка задолжително е да се користат синџири на тркалата, а забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Ѓавато и Маврово.
Од 07:50 часот е укината забраната за товарни возила на превојот Пресека.
Согласно прогнозата, врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во текот на денот, со поголеми врнежи во западните и јужните делови.
На планините се очекуваат снежни врнежи, а во Повардарието ќе има умерен до засилен северен ветер. Температурите ќе се движат од 2 до 7 степени Целзиусови.
ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта – Македонија пат информира дека со сите расположливи екипи активно работи на расчистување на државните патишта.
Според најновите информации, сите патни правци се проодни за сообраќај, но истиот се одвива во зимски услови и по влажни коловози.
Македонија пат апелира до возачите да ги почитуваат законските одредби за зимски сообраќај, да поседуваат зимска опрема, внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.
Апелираат и возачите кои планираат патувања да се информираат навреме за состојбата на патиштата и временските услови.
ЈП за државни патишта и ЈП Македонија пат ќе продолжат да ја следат состојбата и ќе реагираат со целокупната механизација која ја имаат на располагање.