На овогодинешниот Саем за храна во Абу Даби, кој се одржа од 26 до 28 ноември 2024 година, за прв пат учествуваше и компанија од РС Македонија. Овој успех доаѓа по континуираниот ангажман и заложбите на Амбасадата на РС Македонија во Абу Даби за промовирање и зголемување на учеството на компаниите на РС Македонија на пазарот на Обединетите Арапски Емирати.
Компанијата АГРАР КО, која е специјализирана во производство на иновативни антипасти и конзервирани производи, беше посетена од Амбасадорот на РС Македонија во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди и економскиот советник Бекри Ајдини. Пазарот на Обединетите Арапски Емирати и Блискиот Исток нуди големи можности и потенцијал за производите на компаниите од РС Македонија, имајќи предвид дека и во рамките на Националната стратегија за храна на ОАЕ, нашата земја се оценува високо како респектабилен партнер и увозник на прехранбени продукти.
Овој пристап отвора можност за учество на повеќе компании од РС Македонија на саемите, промотивните настани и пазарот на ОАЕ, и затоа овие можности треба максимално да се искористат од компаниите кои имаат капацитети и можности да пласираат нивни продукти во овој дел на светот. Инаку, со формирањето на новата Влада, Министерството за надворешни работи зазема нови компетенции во делот на надворешната трговија, и овој чекор овозможува поактивно издејствување кон промоција и зголемување на извозот кон странство.
Имено, Саемот за храна во Абу Даби е најголем од ваков вид во главниот град на ОАЕ, а оваа година учествуваа повеќе од 30 илјади посетители, со компании учеснички од над 70 држави и каде се склучени договори од над 1.5 милијарди евра.