Пелистер ја изгуби најстарата моликова шума на овие простори. Силниот ветер што во петокот го зафати Битолскиот регион покоси стотици стебла во националниот парк, а го преполови и познатиот бор кој е најстар доказ за постоењето на моликата.
Симболот и гордоста на битолчани, најстарата молика на Пелистер, замина во историја. Култниот 250 годишен бор, под кој поминал секој битолчанец, не го издржа налетото на силниот ветар пред два дена.
Вработените од НП „Пелистер“ заедно со стручни лица, денеска извршија увид на површините каде ветрот предизвика најголеми штети во моликовата шума.
Во средишниот дел е најстарата моликова шума и тука всушност е причинета најголема штета, околу 150 стебла се оштетени на површина од стотина хектари, вели Зоран Пројчевски, шумарски инженер НП Пелистер Битола.
Локацијата кај покосените молики е на една од најпосетуваните во НП „Пелистер“, се наоѓа во близина на хотелот Молика, со што овој дел засекогаш изгуби една исклучително атрактивна шума со величествена панорама. Сепак професорот од Шумарскиот факултет, Јане Ацевски вели дека станува збор за природен процес.
Најголемиот број од стеблата од молика се на поголема возраст, внатре се трули и прашање на време е, и прашање на силината на ветровите и големината на снеговите кога ќе се откорнуваат или ќе се кршат. Природен процес е, вели проф. д-р Ацевски.
Директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски, кој дојде на функција пред неколку дена смета дека претходно не е вршена ревитализација на моликовата шума поради страв од реакциите на јавноста. Смета дека потребни се соодветни мерки за да се заштити моликата.
Институциите кои се задолжени за заштита на природата факт е дека биле максимално претпазливи за да не бидат осудени од јавноста. Апелирам да дадеме повеќе простор на стручните лица за овие природни процеси да се одвиваат така како што треба, рече Тошевски.
Германскиот ботаничар Август Гризебах во 1839 година за првпат го докажал постоењето на моликата по истражувањата овде на Баба Планина. Македонскиот бор како што му е и официјалното име е исклучително значен ендемичен вид, а тој е и причина што Пелистер во 1948 година е прогласен за национален парк, прв во државата.
Емилија Мисирлиевска