116 години трае развојот на албанската азбука и писменост. Владата со Свечена академија ги нагласи како „алатки за изградба на подобра иднина“.
-Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето. Не темите кои не разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја позади народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница изјави Мицкоски
„Ниту едно добиено и спроведено право не може да се укине или ограничи“, посочи вицепремиерот Изет Меџити. Вели дека овогодишната прослава доаѓа среде „жестока дебата за официјалната употреба на албанскиот јазик, намерно поттикната за да дефокусира и да произведе вештачка криза“. За Уставниот суд рече дека се претворил во институција кон која „сите фрлаат оган, гнев и стрели“.
-Ние не сакаме ниту една институција во државата да има толку негативен углед и ги повикуваме сите институции да ја вршат својата работа во согласност со овластувањата и надлежностите што ги имаат. Очекувам Уставниот суд да се занимава со аспектите на човековите и граѓанските права и слободи и да не се впушта во политички размислувања за актуелни прашања и на тој начин да стане партија наместо да остане непристрасен арбитер и подалеку од поларизирачки влијанија кога носи одлуки изјави Изет Меџити
Во дебатата за албанскиот јазик, и ДУИ изрази загриженост за претстојната одлука на Уставниот суд.
-Денеска Албанците се во тешка анксиозност каква ќе биде одлуката на Уставниот суд во декември. Одлуки кои очигледно веќе се напишани во програмите на одредени партии. Каде потфрливме? изјави Бујар Османи
1908-та година во Битола се одржа Конгрес на кој беше кодифицирана албанската азбука. Одлучено е да има 36 букви и да го користи латиничното писмо.
Соња Николовска