Украинската армија веќе го извршила првиот напад со американскиот систем АТАКМС во рускиот регион Брјанск, соопшти Москва. Видео кое наводно го прикажува лансирањето на ракетите беше денеска објавено на телеграм канал кој се смета за близок на украинските одбранбени сили. Киев официјално сѐ уште не го потврдил нападот, но потврда пристигна од САД.
Во соопштението на руското Министерство за одбрана се вели дека биле лансирани шест ракети, од кои пет биле пресретнати и соборени, а една оштетена. Остатоците од оштетената ракета паднале врз воена база на армијата и предизвикале пожар.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ги обвини САД дека со дозволата за употреба на нивните оружја се обидуваат дополнително да го разгорат конфликтот.
Тоа што АТАКМС беше неколку пати употребен во текот на ноќта покажува дека тие сакаат ескалација. А без Американците, употребата на овие високо технолошки ракети, како што кажа и Путин, би била невозможна, обвини Лавров.
Според него, Русија тргнува од претпоставката дека тие ракети биле испалени од американски воени експерти.
Претходно денеска Кремљ ги одобри промените во руската нуклеарна доктрина, со кои се воведува нови услови под кои Русија би го употребила својот нуклеарен арсенал. Според измените, напад од земја која не поседува нуклеарно оружје, но е поддржана од земја која е нуклеарна сила, ќе биде сметан како заеднички напад врз Русија.