Македонската фудбалска репрезентација и официјално се пласираше ранг погоре во Б-дивизијата во Лигата на нации по вечерашната победа од 1-0 против Летонија во рамки 5.коло од групата 4. Херој на нашиот тим на арената „Тодор Проески“ беше дефанзивецот Никола Серафимов, кој го обезбеди четвртиот триумф по ред и тоа без примен гол.
Македонија имаше потешкотии во првото полувреме да создаде шанса пред голот на Летонија. Противникот имаше две добри можности за да поведе, но за среќа двата удари завршија крај голот на голманот Столе Димитриевски.
Уште поголем проблем за нашата репрезентација беше повредата на Елиф Елмас, кој мораше принудно да го напушти натпреварот во 24.минута.
Најдобрата шанса во првото полувреме ја имавме во самиот финиш, кога Александар Трајковски одлично проигра со Исник Алими, кој биеше, но противничкиот голман одбрани и ја одби топката во корнер.
Почнавме фуриозно во вториот дел, па веднаш се закани Бојан Димоски со одличен удар од далечина што заврши над голот, а кратко потоа и Лирим Ќамили имаше добра шанса за гол.
Одлучувачкиот момент на натпреварот се случи во 57.минута, кога дефанзивецот Никола Серафимов одлично реагираше на една топка и погоди за дебитантски гол во репрезентацијата. Овој гол беше доволен за Македонија да ја запише четвртата победа по ред без примен гол во Лигата на нации и официјално да го осигура првото место што ни носи ранг погоре во Лигата Б.
Во недела нашата репрезентација ќе ја заокружи сезоната во Лигата на нации со дуел против Фарски Острови што исто така го играме во Скопје на арената „Тодор Проески“.
ЛИГА НА НАЦИИ (Ц-ДИВИЗИЈА)
ГРУПА 4
1. МАКЕДОНИЈА 13
2. ФАРСКИ О. 6
3. ЕРМЕНИЈА 4
4. ЛЕТОНИЈА 4
фото: ФФМ