Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за продолжено кривично дело – Примање поткуп против службено лице – самостоен референт во ЈП „Национални шуми“.
Како што информираат од струмичкото обвинителство, вработен во „Национални шуми“, во периодот од септември 2020 до ноември 2024 година, директно барал подарок во паричен износ од неколку лица со цел да не изврши контроли кои морал да ги изврши.
„Со тоа на лицата им овозможувал да добиваат дозволи за селска сеча по повеќе пати и дрвната маса да ја продаваат на трети лица. За тоа од нив барал и добивал поткуп од по 200 евра месечно. Бил затекнат како прима поткуп од едно од лицата, кое по претходен телефонски договор требало да му исплати пари за да врши селска сеча на планината Огражден“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство Струмица.
На осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.