Љубовта повеќе не царува во современиот свет, а секој поединец зависи од личните избори во животот. Ова е пораката на претставата „ Марта Верина“, чија праизведба се одржува вечерва во Македонскиот народен театар. Работена како копродукција меѓу МНТ и продукцијата „Перипетија“ , претставена е направена според драмскиот текст на Драгана Лукан- Николоски, дополнет со стихови од Ацо Шопов, а на самиот крај и со реплика од „ Диво месо “ на Горан Стефановски.
- „ Марта Верина“ е претстава која што сака на публиката да и каже дека она оправдување кое што го имаме ние тука , кои што го носиме балканскиот ген, за тоа дека судбината е за нешто виновна и дека нештата во животот се судбински , дека всушност не е вистина. Дека судбината е нешто кое што зависи од нашите избори, кажа Драгана Лукан-Николоски, авторка на текстот.
Дејствието ја следи младата жена Марта Верина, во изведба на актерката Дарја Ризова , која минува низ трансгенерациски љубовни врски , навлегувајќи без да знае во родителски однос, кој не е од нејзиното семејство. Жанровски , се работи за драма со трагикомични ситуации, кои се предадени низ натуралистичка актерска игра. Визуелно, животот во динамичната урбана џунгла е доловен преку современа електронска музика од Оливер Митковски и Андреја Салпе, со стихови од Шопов што се пеат и говорат . Видео проекциите што го прошируваат значењето на сцените и мобилната сценографија, која се отвора во три плана, се авторство на Илина Ангеловска. А, режијата ја потпишува Нина Николиќ.
- Таа успеа да ја дополни и доразвие на еден прекрасен визуелен начин оваа приказна. И мислам дека публиката ќе има прилика да види нешто многу автентично и скопско. И мислам дека тоа е една од работите што се најголема карактеристика на оваа претстава , која што не е , и драмата не е локализирана на ниво на драмско дејство. Но, таа го има Скопје во себе. Јас оваа драма му ја посветив на Скопје, мислам на мојот град Скопје, бидејќи се чувствува животот во минатите 20 години како едно искривено огледало, кажа авторката Лукан – Николоски.
Покрај Ризова, настапуваат уште шест актери од МНТ, Драмски, од Албанскиот театар, како и Саша Ханџиќ од Б и Х. Согласно прикажаните емоции „ Марта Верина“ е претстава со која лесно се идентификува публиката.
Сотир Трајков