Министерството за култура и туризам ги соопшти имињата на членовите на комисиите, што ќе одлучуваат по пристигнатите пријави од спроведените Годишни конкурси за 2025 година, од националните установи од културата и по области и активности.
Членови на комисиите за секоја дејност одделно се следниве: за музичка дејност: проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, м-р Весна Малјановска и Сарана Адеми; за ликовна дејност: редовен проф. Антони Мазневски, професор во пензија, академски скулптор Томе Аџиевски и Исмаил Мислими; за драмска дејност се актерите: Крсте Јовановски, Рубенс Муратовски и Вулнет Кучи; за издавачка дејност: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, д-р Марина Мијаковска и м-р Флорентина Фетахи; за фолклор: Филип Арилон, Мирко Стефановски и Емин Гаџа; за музејска дејност: проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. Мустафа Куртиши; за заштита: проф. д-р Драги Митревски, проф. д-р Марјан Јованов и Ерон Белули; за библиотечна дејност: проф. д-р Солзица Поповска, д-р Иван Заров и проф. д-р Шенер Билали, се вели во соопштението на Министерството за култура и туризам.
Министерот Љутков, поздравувајќи ги членовите на комисиите, им посака успешна работа и изрази уверување дека на крајот ќе добиеме програма која ќе донесе нов и повисок квалитет на културните содржини во државава. Тој истакна дека годинава, Министерството изготви и Упатство за утврдување на видовите на проектите, условите за учество, мерилата и критериумите за оцена на проектите во кое јасно и прецизно се утврдени видовите на проектите што ќе бидат поддржани, како и приоритетите за 2025 година, што ќе придонese за квалитативно оценување на проектите, стои во соопштението од ресорот култура и туризам, велат од ресорот култура и туризам.
На Годишните конкурси, кои завршија вчера, пристигнале околу 2 илјади и 900 пријави кои ќе бидат оценувани од комисиите што годинава се формирани во согласност со препораките од Државниот завод за ревизија. Во таа насока, Министерството за култура и туризам за првпат изготви Упатство за критериумите за именување на членовите на комисиите во кое е јасно утврдено дека за членови на комисиите може да бидат именувани лица кои имаат најмалку 10 години професионално искуство, потоа лица кои имаат реализирано, организирано или продуцирано најмалку 5 проекти од соодветната дејност во која ќе вршат евалуација на проектите, лица кои имаат стекнато стручно звање во согласност со прописите за заштита на културното наследство итн.
Министерството сѐ уште не излезе со став дали дефинитивно се откажува или сепак ќе спроведе засебен конкурс за поддршка на проекти од интердисциплинарната дејност. Ставот на министерот Љутков, е дека интердисциплинарната дејност била противзаконски поддржувана од претходната власт, без да биде внесена во законска рамка.