Култура

Беди Ибрахим, уметник кој љубовта кон семејството ја шири низ светот

Творештвото долго речиси четири децении на нашиот академскиот скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), Беди Ибрахим е претставено низ голема ретроспективна изложба во Чифте амам, при Националната галерија на Македонија. Ретроспективата со оригинални и реконструирани дела од сите фази во творештвото на Ибрахим, е спонтано продолжување на неговата долгогодишна соработка со кустосот Горанчо Ѓорѓиевски, со кој членуваат во уметничката група „Зеро“.

„Дојде спонтано да направиме еден пресек, ретроспектива, затоа што досега немал тој таков обемен приказ на своето творештво. Само секвентно, одредени негови циклуси, одредени периоди на творештвото, но не и вкупно, збирно да се најдат на исто место. Така што сметавме, тој период од безмалку 40 години творештво, требаше да го ставиме во еден простор и да направиме една монографија, која што дополнително ќе излезе“, кажа Горанчо Ѓорѓиевски, кустос на изложбата.

Скулптури, објекти, инсталации, перформанси преточени во видеа, слики и асамблажи, ја сочинуваат изложбата на Беди Ибрахим. Неговиот богат и разновиден визуелен израз, е резултат на потребата од слобода и уривање на конвенциите.

„Беди всушност ги рециклира своите видувања, мисли, чувства и ги преточува во некој вид пиктограми. Ја сведува формата до непрепознатливост. За него како „Летот на птиците“, кој што му е еден циклус, ја бара слободата. Не се задржува во еден медиум. Така што можеме да видиме во една инсталација на оваа изложба, три негови циклуси да бидат споени, за да создадеме една инсталација. Така што се задржува и на сликарството, цртежот, но и на инсталацијата, перформансот, во дадени моменти кога ги снима тие видеа“, рече кустосот Ѓорѓиевски.

Влијанието на источната култура се забележува во делата на Ибрахим. Во таа насока е и изборот на просторот, како една од карактеристиките во неговото творештво. Друга карактеристика е изборот на природни материјали од кои ги создава творбите, а трета е семејството, како главна тема на скулпторот, застапена во повеќе дела, меѓу кои се „Порта“, „Праг“, „Гнезда“, „Семејно стебло“.

„Семејството е инспирација. Таа љубов кон семејството да ја прошириш во светот. Имаш таков автор кој шири љубов околу себе. И тоа му е една од основните работи, кога работи. Имајќи го семејството, така општи и со светот, како свое семејство“, вели Ѓорѓиевски.

Ретроспективната изложба на Беди Ибрахим ќе биде отворена во Чифте амам до 21 ноември. Потоа ќе патува во Битола, каде за потребите на уметничката галерија „Магаза“ за изложбата ќе се креира нов концепт.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Реконструкцијата на Универзална сала во септември

Дејан Дејан

Стоечки овации и бис по изведбата на „Кармина Бурана”

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе