Манчестер јунајтед е подготвен да го промовира Рубен Аморим во нов менаџер на клубот до крајот на оваа недела. Спортинг Лисабон ги потврди преговорите со тренерот.
Ерик тен Хаг вчера заработи отказ од клупата на Манчестер јунајтед по очајниот старт на сезоната. Клубот се наоѓа на 14.место во Премиерлигата, а во Лигата на Европа по три натпревари има три ремија.
Тимот од „Олд Трафорд“ е во преговори со Спортинг Лисабон за тренерот Рубен Аморим. Португалците дури и објавија соопштение дека премиерлигашот е подготвен да плати 10 милиони евра обештетување за 39-годишниот стратег.
Аморим исто така е заинтересиран да го преземе Манчестер јунајтед. Тој дел од својата едукација за тренер ја мина во клубот, кога на клупата седеше Жозе Мурињо. Младиот португалски стратег со Спортинг има освоено две шампионски титули во домашното првенство и три Лига Купови откако седна на клупата во 2020 година.
Манчестер јунајтед утре игра натпревар во Лига Купот против Лестер сити, а тимот ќе го предводи помошникот на Тен Хаг, клупската легенда Руд ван Нистерлуј.