Првиот светски рекет Јаник Синер денеска на прес-конференција соопшти дека нема да игра на мастерс тенискиот турнир во Париз поради болест.
Италијанскиот тенисер изјави дека пристигнал во Париз порано за што подобро да се подготви за турнирот, но во неделата се разболел. Според медицинските прегледи се работи за вирус, па тој не е целосно подготвен да одговори на предизвикот.
„Денеска се чувствувам подобро, но моето тело не е подготвено да се натпреварува и сѐ уште се чувствувам многу слабо. Нема смисла да излезам на терен и да играм“, изјави светскиот рекет број 1.
Неговото место во главната ждрепка ќе го доби среќниот губитник Артур Казо, кој во втората рунда ќе игра со победникот од дуелот помеѓу Бен Шелтон и Корентан Муте.
Синер се надева дека ќе биде целосно фит да се натпреварува на АТП Финалето во Торино, каде ќе настапат осумте најдобри светски тенисери. Овој турнир се одржува од 10-ти до 17-ти ноември.