Денеска почнува 43. издание на Скопскиот џез фестивал. Програмата е составена од селектирана програма која го следи императивот за одржување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика.
Девет светски етаблирани состави од САД, Европа и Македонија ќе ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Програмата е распоредена во четири вечери, а инспиративна и исполнета е со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.
Годинава фестивалот ќе се отвори со специјалниот настап на денес најдобрата и најпопуларна американска џез пејачка, Сесил Меклорин Салвант. Добитничка на три Греми статуетки, шест номинации за Греми и бројни други значајни награди за најдобар џез вокал, таа се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Нејзините концерти се неповторливи искуства, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни.
Истата вечер во МКЦ ќе настапи и домашниот џез-состав Next to Silence со албумско издание на „Ruh“ (SFJ Records), коешто беше промовирано на 12 октомври. Со својата музика, тие се разликуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции. Next to Silence истото ќе го срочат и на нивниот настап на Скопскиот џез фестивал, каде што новиот материјал ќе доживее и концертна премиера.