Младиот турист Нико од Штутгарт, Германија при својата обиколка на Балканот, на мапата на Гугл сосема случајно го пронајде руинираниот хотел „Европа“ во Отешево. Од Косово се упати кон Македонија и навигацијата го донесе до Преспа. Додека екипата на Телма работеше на оваа репортажа низ урнатините на објектот, Нико запрепастен од глетката прашуваше зошто хотелот се распаѓа.
„Го пронајдов овој хотел на Гугл мапс каде е означен како напуштен хотел и како што може да се види јас не сум прв посетител. Многу е тажно што е затворен, затоа што е многу убаво овде, погледот е убав , исто така. Толку голем хотел, тажно“, вели Нико од Германија.
Објектот кој пред повеќе од две децении беше вистинска атракција со бројни содржини и најубавиот панорамски поглед кон Преспанското Езеро, Пелистер и Галичица, денес е целосно демолиран и уништен.
„Оваа убавина ова езеро, навистина е штета. Тој хотел работеше додека беше Југославија, потоа хотелот беше запален“, вели Љубиша Станковиќ од Куманово.
Дел од хотелот „Европа“ изгоре под сомнителни околности во 2005 години. Тоа што се спаси од огнот, не се спаси од крадците кои однесоа се што остана – врати, прозорци, плочки, инвентар.
Некогаш гордост на Преспа, култниот хотел Европа со години се распаѓа и денес е купишта руини. Во повеќе наврати ја менуваше сопственоста и се најавуваше негова реконструкција, но засега нема конкретни чекори.
Остатоците од хотелот во 2006 ги купи португалска компанија , но немаше ништо од ветување за изградба на луксузен комплекс. Португалците се откажаа, па десет години подоцна, нов сопственик стана инвеститор од Обединетите Арапски Емирати, но уништувањето не запре. Ресенскиот градоначалник , Јован Тозиевски, вели дека прават обиди да стапат во конткат со сопственикот.
„Преспа како микрорегион со многу специфики меѓу два национални паркови, езеро, две граници, чист воздух, со скијачки терени, се надеваме дека тоа ќе го согледаат и сопствениците на хотелот и ќе го стават во функција. Комуницираме многу потешко бидејќи сопствениците се од Емиратите и комуникацијата се одвива преку адвокатски друштва“, вели Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.
И натаму без одговор остануваат прашањата кога и дали објектот ќе го врати стариот сјај и ќе ги отвори вратите за гостите како пред речеси 20 години. Дотогаш приказната за напуштениот хотел во Македонија на атрактивна локација и со неверојатен поглед ќе живее низ фотографиите на туристите како Германецот Нико, кој се прашува дали е возможно ваква убавина да потоне во заборав.
Емилија Мисирлиевски