Српскиот премиер Милош Вучевиќ утре ќе предводи владина делегација во посета на Македонија. При престојот во Скопје, Вучевиќ ќе оствари средба со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, а ќе се потпише Меморандум за разбирање и соработка во областа на гасот, јави дописникот на МИА од Белград.
Според соопштението од Владата на Србија, Вучевиќ ќе биде пречекан во 10 часот пред зградата на Владата на Македонија, по што ќе следи тет-а-тет средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
По средбата на двата премиера, предвидена е средба и на делегациите на Владите на Македонија и на Србија. Потоа ќе се потпише Меморандум за разбирање и соработка во областа на гасот помеѓу Министерството за рударство и енергетика на Република Србија и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија.
Предвидени се и изјави за медиумите на премиерите Вучевиќ и Мицкоски.
Како што соопштија од Владата на Србија, премиерот Милош Вучевиќ ќе се обрати и на собирот на кој ќе присуствуваат претставници на српските здруженија, културно-уметнички друштва, политички партии, како и српски компании кои работат во Македонија.