Децата жртви на врсничко насилство не кажуваат на никој дека трпат булинг, затоа што стравуваат дека ќе ги разочараат родителите и ќе ја изгубат нивната љубов. Учениците сметаат дека доколку го кажат проблемот, ситуацијата ќе стане уште полоша. Со тој чин тие ги заштитуваат насилниците и последиците врз жртвите се долготрајни. Ова беа клучните заклучоци на денешната прва работилница од кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ на „Макпетрол“ што денеска се одржа во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“. Психолозите сметаат дека благодарение на оваа кампања децата сега се повеќе запознати со овој проблем и повеќе се охрабруваат да го пријават.
Работилниците сега се наменети за родителите кои преку нив ќе можат подетално да се запознаат со проблемот со булингот и да дознаат како е најдобро да се справат, доколку се соочат со ваква ситуација. Вакви работилници „Макпетрол“ ќе организира во сите општини што се приклучија на кампањата. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски смета дека со оваа средба родителите ќе можат подетално да се запознаат со проблемот.
Повеќе од 150 училишта и 45.000 деца добија знаење преку работилниците кои беа организиране од „Макпетрол“ во првиот дел од кампањата која беше наменета за учениците.
На кампањата се приклучија 26 општини кои што дадоа поддршка за вредностите и промените кои што компанијата се обидува да ги поттикне во оптеството. Преку кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ исполнува еден од своите стратешки приоритети – општествената одговорност. Младите и во иднина ќе бидат значаен дел од општествено одговорните активности на макпетрол, велат од компанијата.
Тамара Марковска