Стравувањата на уметниците и културните работници од независната сцена се покажаа оправдани. Меѓу годишните конкурси по дејности, за подршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година ,што ги распиша Министерството за култура и туризам во понеделникот, а ќе траат до крајот на октомври, не се опфатени Интердисциплинарната и дејноста Креативните индустрии. Министерот за култура и туризам, Љутков, при денешната посета на Националната опера и балет, кажа дека за Креативните индустрии набргу ќе биде распишан посебен конкурс зашто тие се внесени во Законот за култура, но дека допрва ќе се одлучува за Интердисциплинарната дејност, зашто незаконски била вклучена во конкурсите, кога министер за култура беше Роберт Алаѓозовски.
- Уште од тогаш има сугестии дека тие се незаконски. Неможат да бидат финансирани од овој конкурс, ниту пак од било кој конкурс. Значи, треба да се стават во законска рамка, за да може да се отвори конкурс за нив. Додека за Креативните индустрии, може, кажа Зоран Љутков- министер за култура и туризам.
За да им дадеме простор на новите тенденции во уметноста, во 2017 година ја додадовме оваа современа категорија, реагираше писмено Алаѓозовски.
- Зарем не е цинично министерот Љутков, што во груевистички манир по скратена постапка, без проценка за влијанието на регулативата, без законски рокови за јавна дебата , го смени името на ресорот и му придодаде цела економска гранка, да укинува конкурс зашто не бил дел од ригидно поделените дејности во ретроградниот закон од 2014, прашува Роберт Алаѓозовски- поранешен министер за култура.
По повод распишувањето на годишните конкурси за 2025, јавноста на социјалните мрежи праша за ефектите од одобрените проекти, од конкурсот за Интердисциплинарна дејност за оваа година , кои што се однесуваат на бришење на шкртаници од објекти и спомен- обележјата и за привлекување публика, што добија по околу 900 илјади денари. Но, од министерството за Телма одговорија дека парите не се потрошени зашто апликантот на првиот проект се откажал од реализацијата, а за вториот , дека не е вратен договорот , склучен од нивна страна.
При денешната посета на НОБ, министерот Љутков најави подршка за санација на објектот. Веќе е реновирано фоајето од службениот влез и тоалетите за публиката на главниот влез. Ќе има нов под за балетските играчи и реновирање на тоалетите за уметниците, ателјето и кровот под главниот влез и фоајето , каде протекува кога врне. За тоа вчера е распишан тендер.
- Целото ова главно фоаје, главниот влез ќе биде со нов лик. Ѕвезденото небо , исто ќе се обнови. Сето ова наваму полека ќе навлегуваме и ќе го обновуваме, рече Оливер Арсовски- в.д. директор на Националната опера и балет .
Арсовски најави отворање на сезоната на НОБ, на 16 октомври, со изведба на оперско – балетскиот проект „ Кармина Бурана“.
Сотир Трајков