Марин Чилиќ испиша нова тениска историја откако денеска стана најслабо рангираниот тенисер што освои титула на еден АТП турнир почнувајќи од 1990 година.
Хрватскиот тенисер славеше во големото финале на турнирот во Гуанџу во Кина од серијата 250. Тој го совлада домашниот фаворит Џанг Џиџен во два сета во тај-брејк. Чилиќ настапи на турнирот со вајлд-карта и на крајот испиша историја.
Тој моментално се наоѓа на 777.место на АТП ранг-листата и стана најслабо рангираниот тенисер што успеал да освои АТП-титула. Го сруши претходниот рекорд на Лејтон Хјуит, кој во 1998 година славеше на турнирот во Аделаида, а беше рангиран на 550.место.
Тенисерот, кој има 35 години се натпреваруваше на својот прв турнир по оној во Буенос Аирес во февруари годинава. Пропушти неколку месеци сезонава поради повреда на коленото, а ова за него беше 21.титула во кариерата и на најновата ранг-листа на АТП ќе се искачи на 212.место.