Во полошкиот регион има над 1 200 занаетчии, но дел од нив работат „на црно“. Сивата економија една од најболните точки на занаетчиите. Микро и малите бизниси се соочуваат со нелојална конкуренција односно поедници или фирми кои вршат економски активности, а не се регистрирани.
Од Занатчиската комора на Македонија велат дека во земјава има одлични закони, но тие не се почитуваат.
„Во Гостивар имаме 540 регистрирани занаетчии, во Тетово имаме над 700, но не се според законот сите регистрирани, затоа велиме дека се неформални, бидејќи секој вршител на занаетчиска дејност треба да поседува занаетчиска дозвола. Нашиот закон е исто како на запад, како во ЕУ, но не го почитуваме и треба веднаш да почне да се почитува“, вели Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија.
Занаетчиите и малите бизниси во полошко најмалку користат субвенции од државата, помош која би била добредојдена во нивната работа. Од Комората како причина за тоа ја посочуваат неинформираноста.
„Секоја фирма не може да влезе на веб страната на Министерството за економија за да види кога е повикот и кои се потребните документи за аплицирање. Од нашата комора е лоцирана таа причина, проблемот е кај сметководителите, тие треба да го информираат секој бизнис што го водат за да може да аплицираат“, додава Фазлији.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, вели дека за таа цел се организираат средби, за подетално да ги информираат занаетчиите за јавни повици кои се во тек.
„Само 7% од полошкиот регион аплицирале на јавните повици. Ќе му дадеме фокус на овој регион, ќе ги информираме занаетчиите, ќе зборуваме со нив кои се нивните предизвици со кои се соочуваат, за да ги известиме да аплицираат и тие и да имаат шанси како другите региони. Знаеме дека занаетчиите се соочуваат со многу предизвици поради тоа што секој ден бројот на занаетчии се намалува“, вели министерот за економија Бесар Дурмиши.
Министерот Дурмиши информираше дека средбите со занаетчиите ќе продоложат.
Данијела Билбилоска