Се понезивесно дали ќе пропаднат проектите на градоначалничката Данела Арсовска меѓу кои и за набавка на нови 95 автобуси, а за кои градот Скопје аплицираше преку државната помош од 100 милиони евра за развој на општините. Според министерот за локална самоуправа идејата на јавниот повик не предвидува пари за претпријатијата туку за подобрување на инфраструктурата.
Само една општина не се пријавила на јавниот повик, а останатите аплицирале со повеќе од 350 предлог проекти.
Јавниот повик за капитални инфраструктурни проекти заврши денеска, а во рок од 10 дена општините треба да ги достават на увид целосните проекти и целата документација. Тие пак ќе формираат комисии за оценување на проектите, а до крајот на месецот треба да се знае кои проекти ќе се финансираат со државните пари.
Парите ќе се делат преку шест министерства, за култура и туризам, транспорт, социјална политика, образование и наука, животна средина и за спорт.
Симона Петровска