Се менува начинот на буџетирање на националните установи од културата, фестивалите и капиталните инвестиции, најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков при денешната посета на Штип. Според него, од следната година директорите на установите од културата ќе имаат поголема автономност при распределбата на средствата за проекти, но и одговорност за што ги трошеле, зашто ќе бидат мониторирани од ресорното министерство.
„Ние како министерство нема да ги селектираме проектите, туку од старт ќе одобриме средства, а понатаму ќе го евалуираме или ќе го мониторираме нивниот процес, како се работи. Што мислам дека тоа е и наша задача и е попрактично да го правиме“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
На прашање на Телма, дали е откочена постапката за реконструкцијата на Универзална сала, министерот кажа дека втората фаза од реконструкцијата е запрена. Љутков, на почетокот на јули изјави дека затекнал проблематична документација околу временото отстапување на објектот од Град Скопје на Министерството за култура. Тогаш кажа, а и сега е на ставот дека не става потпис на документи кои покажуваат, како што рече денеска, дека постапката за отстапувањето на Универзална била нелегална.
„Во оваа фаза ми изгледа мене реално како нелегален објект. Како да работиме на нешто нелегално. Затоа го ставив во мирување целиот овој процес. Се разбира, за првата фаза си тече постапката, се гради. Но, во делот на втората фаза запрена е постапката“, додаде Љутков.
Но, на терен нема никакви градежни активности. Само се гледа дека под челичната конструкција е исчистен целиот смет од пожарот на 9 април. Министерот најави ревидирање на целокупната документација околу временото отстапување на објектот. Ако се покаже дека треба, постапката ќе биде повторена, за да биде законски издржана. А, потоа ќе продолжат градежните активности. До 2028 година, Универзална сала ќе биде во функција на добиената титула – „Скопје европска престолнина на културата“, рече Љутков.
Сотир Трајков