Личностите како Искра Гешоска, уметниците, невладините организации, односно целата слободна сцена во оваа земја да биде повеќе видена, чуена и стимулирана, беше истакнато на свеченоста во чест на Искра Гешоска, македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка, лауреат на Гете медалот 2024.
„Знаев дека Искра ќе се двоуми дали да ја прифати оваа награда. Не само затоа што е многу скромен човек, туку, пред сè, поради тоа што таа го перцепира своето делување во прво лице множина „ние, ние“, на кое таа се чувствува обврзана и со кое е тесно поврзана. Ова „ние“, оваа огромна ризница и голема можност за уметнички и креативен потенцијал, со кое располага оваа земја, за жал овде многу малку се цени и „велича“. Особено и е тешко на слободната сцена и не може да расне. Не мора сега да ви држам говор за улогата што ја игра уметноста и културата во едно општество. Сите сте свесни за тоа. Не станува збор секогаш само за пари, се работи за итно потребни простори, можности, за средби и размена, за кои сè уште треба да се бориме“, изјави Катрин Оствалд-Рихтер, директорка на Гете институт.
Заедно со Гешоска, наградата ја добија и театарската менаџерка Кармен Ромеро Керо од Чиле и книжевната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико. Гете медалот е официјално одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. Тој се доделува за „особени научни или литературни, дидактички, организациски достигнувања кои придонесуваат за посредување помеѓу германската култура и културата на партнерската земја.“
„Да ја зацврсти вербата во културниот капитал на Северна Македонија цврсто во општеството и да склучи културни партнерства надвор од границите. Доделувањето на Гете медалот секоја година привлекува многу внимание во Германија и на овој начин одликувањето на Искра Гешоска придонесува и за тоа, богатството и разноликоста на македонската култура да добијат поголемо внимание на меѓународен план“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
„Верувам дека општествените динамики можат да бидат поттикнувачки и отворени само преку слободната размена на храбри индивидуи кои вечерва ги има многу овде, кои успеваат да ја сочуваат својата автономија, здружувајќи се и создавајќи силни, вибрантни платформи на солидарност и единство на различностите. А, најмногу верувам во тоа дека никој не може сам да чекори по патот, ниту пак дека сам може да создаде какво било вредносно јадро. Токму затоа без двоумење велам дека ова признание не ми припаѓа мене, туку на сите оние со кои заеднички сме чекореле низ предизвикувачките социокултурни Сцили и Харибди без да ставиме восок во ушите“, изјава Искра Гешоска, лауреат на Гете медалот 2024.
Нина Стефанова