Наспроти тврдењата дека оваа учебна година почна со навреме доставени учебници за сите ученици, не престануваат реакциите на родителите и на учениците кои се жалат дека нема учебници по сите предмети во училиштата. Но, министерката за образование Јаневска се пофали дека состојбата со учебниците е одлична. Според неа испечатени се и вишок учебници. Вели дека за изборните предмети не треба да има учебник туку ќе се учи преку интерактивна настава, а за оние училишта кои немаат учебници, како на пример географија за 6-то одделение вината ја гледа кај директорите кои не го завршиле својот дел од работата.
„Ако директорите не си ја завршиле работата не е одговорност на МОН, но ние ќе направиме посебни напори од тие вишок книги да обезбедиме учебник таму каде што нема. И секако дека на директорите ќе им биде нагласено дека згрешиле. За изборните предмети, деловите од новата концепција кои ние како нова Влада ги прифаќаме, вели дека не треба да има учебници, туку учениците преку интерактивна работа меѓусебе и со наставниците ќе ги стекнуваат знаењата. За информатика како изборен предмет не треба да има“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Работните тетратки кои ги добиваат учениците во петто одделение веќе се решени, реагираат родители до нашата редакција, кои се присилени да купуваат нови и сами да ги плаќаат. На прашањето дали ќе обезбедат нови или ќе им помогнат на родителите финансиски, министерката кажа дека тоа може да се предвиди со Буџетот за наредната година затоа што сега нема пари за нови работни тетратки.
Вината поради која децата со попреченост сè уште не можат да одат на настава, затоа што недостигаат образовни асистенти, според Јаневска не е кај МОН туку кај директорите на училиштата кои не распишале конкурси.
„Училиштата со ресурсни центри го распишуваат конкурсот. Тие требаше да планираат кога да го сторат тоа. Слушам дека ние сме требало да им кажеме кога да го објават конкурсот зошто тогаш ние поставуваме директори на училишта ако не си ги знаат нивните основни обврски“, додава Јаневска.
Учебната година започна во понеделникот за сите ученици, освен за оние со попреченост кои останаа дома бидејќи нема образовни асистенти.
Тамара Марковска