Потребно да се создаде соодветна политичка клима и јавна поддршка за уставните измени, рекол министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Муртезани ја нагласил подготвеноста на Владата за конструктивен дијалог со Бугарија. Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот се дел од рамката за да се почнат преговорите со ЕУ.
Според соопштението на Министерството за европкси прашања, „комесарот Вархеји го поздрави придонесот на Владата во контекст на интензивните подготовки за Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан, истовремено потенцирајќи ја потребата од брзо преминување на следната фаза – исполнување на одредниците (бенчмарк) за отворање на Првиот Кластер.“
-Една од централните теми на состанокот беа и уставните амандмани, за кои Муртезани информираше дека е потребно да се создаде соодветна политичка клима и јавна поддршка за овие промени, додека истовремено ја нагласи подготвеноста на Владата за конструктивен дијалог со Бугарија, информираа од МЕП на Република Северна Македонија.
Вархеји нагласил дека ЕУ останува посветена на поддршката на Северна Македонија во надминување на преостанатите предизвици на нејзиниот европски пат, особено преку техничка и финансиска помош за продлабочување на институционалните реформи.
-Беа разменети мислења и информации и за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан , кој претставува клучен механизам за зголемување на инвестициите и зајакнување на економската отпорност на земјите од регионот. Вархеји ја поздрави активната улога на Северна Македонија во регионалните иницијативи и нејзиното усогласување со стратешката агенда на ЕУ за 2024-2029, нагласувајќи ја континуираната европска поддршка, особено во области кои се клучни за трансформацијата на Северна Македонија: владеење на правото, реформи во јавната администрација и борба против корупцијата, соопшти Министерството по средбата во Брисел.
Од планот за раст Македонија треба да добие 750 милиони евра од ЕУ, две третини се заеми, а 250 милиони евра се грантови доколку ја спроведува реформската агенда. Првите пари од ЕУ треба да стигнат во октомври, доколку институциите на ЕУ ги поминат сите административни процедури, изјави Муртезани по средбата.
Министерот Муртезани на средбата со Вархеји истакнал дека „е важно овие реформи не само да се имплементираат, туку и да бидат длабоко вкоренети во општествените секојдневни текови.“
Во однос на добрососедските односи, Муртезани повторно ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон нивно зајакнување и продлабочување, истакнувајќи дека овие односи се фундаментални за регионалната стабилност, економскиот просперитет, но и за кредибилитетот на Унијата.
-Министерот Муртезани ја реафирмираше подготвеноста за решително дејствување во контекст на следните чекори поврзани со европското досие на земјата, суштински работејќи на реформите како би се обезбедил стабилен напредок во исполнувањето на стратешката цел на Владата – членство во Европската Унија, соопштија од неговиот кабинет по средбата со еврокомесарот за проширување.