Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано изрази жалење оти Монголија го дочека рускиот претседател Владимир Путин и не го уапси, како што бара налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„ЕУ жали што Монголија, држава потписничка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, не ги исполни своите обврски кон статутот да изврши налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради злосторства во Украина“, рече Стано по посетата на Путин на Улан Батор, главниот град на Монголија.
Тој додаде дека ЕУ ги поддржува истрагите на истражителите на МКС за руско-украинската војна и ги повика сите страни на Римскиот статут да соработуваат во целост по тоа прашање.
Пратениците во Европскиот парламент претходно побараа од Брисел да одговори на однесувањето на Монголија.
Владата на Монголија соопшти дека не го уапсила Путин по налогот на МКС поради енергетската зависност на земјата од Русија.