Вести Македонија Топ вести

Знаат поезија, но слабо се разбираат во пожари – Над половина раководители во ЦУК се лингвисти и педагози

Стари и дотраени противпожарни возила, недостиг на опрема, недоволно и слабо одржувани авиони и хеликоптери, пилоти кои се вратија од пензија за да помогнат во гаснењето… Низа проблеми го отежнуваат справувањето со пожарите кои во изминатите неколку недели зафатија над 6 проценти од територијата на Македонија.

Но, не е само опремата. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека работи со само десетина луѓе. Буџетот за 2024 година покажува дека ЦУК има 340 вработени. Во интервју за Радио Слободна Европа, Ангелов вели дека добар дел од нив се неупотребливи.

„Ние во Центарот за управување со кризи работиме на шкрги. И овде јас работам со десетина луѓе, сите операции, покривам по една област со по еден човек, не дај Боже, некој да се разболи, имам незаменливи луѓе, а добар дел од луѓето се апсолутно неупотребливи, односно по некој пат ставаме во функција некој вработен – ќе ни направи дополнителна штета и потоа треба двајца да ја поправат таа штета“, вели Ангелов.

Тој вели дека ЦУК е наполнет со партиски кадри кои партиите не можеле да ги вработат на друго место, па ги сместиле тука и ги направиле раководители, а тие што разбираат ги чувале во подрум.

„Има една група од Воена академија којашто за нивна несреќа завршила директно во ЦУК, ги најдов малтене во подрум, затоа што беа на најниските почетни позиции. Ги унапредив сите, сите до еден ги ставив во функција. И уште неколку квалитетни луѓе. Ако овде направиме анализа на раководителите, повеќе од 51 отсто имаат завршено македонски јазик или Педагошка академија. Но, се плашам дека 70 проценти од раководителите имаат македонски јазик и Педагошка академија“, вели Ангелов.

Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена информира дека Владата донела одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи. Реформите ќе почнат откако надлежните ќе се изборат со пожарите.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опаѓа бројот на ученици, расте бројот на наставници

Дејан Дејан

„Зошто ги пуштивме убијците на нашите деца?“ и зошто полицијата не е опфатена со истрагата – прашања по новиот марш за жртвите во Кочани

Дејан Дејан

Тешка несреќа со тројца мртви кај Кичево, тинејџер излета со БМВ и загина, трагичен биланс на сообраќајот, а се уште се чекаат законски измени и Сејф сити да „стапи“ на сцена

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе