Вести Македонија Најважни

Судскиот совет ќе проверува како постапувал Кривичен во случајот со бегалецот Блерим Рамадани

Судскиот совет ќе проверува како постапувал Кривичен и ќе се трага по одговорот – каде затаија институциите, при бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани.

Претседателката на советот, Весна Дамева, вели дека за ништо не била формално известена од страна на судот, па затоа реагира по допрен глас.

Ова следува откако Министерството за внатрешни работи извести дека лицето Блерим Рамадани во моментов е недостапно за органите на прогонот и дека избегал од куќен притвор, по што е распишана и централна потерница.

Тој беше во екстрадициски притвор, а потоа во куќен, откако беше уапсен на косовско-македонската граница поради меѓународна потерница од Србија. Оттаму го бараат за да му се суди за воени злосторства.

„Треба да се формира Комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова. Па да излеземе пред јавноста со конкретни податоци – се случувало ли нешто, виновен ли е Судот или не е. И да не прејудицираме“, вели претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

 

„Ние мора да се одважиме и да дадеме одговор на прашањата дали во донесените одлуки има пропусти, дали се почитувала законитоста при донесување на одлуките или не. Сите тие ставови ние можеме да ги формираме само преку извршување увид. Го поддржувам предлогот“, вели членот на Судскиот совет, Ивица Николовски.

Фотографија од избеганиот Блерим Рамадани се појави на социјалните мрежи, од страна на лице кое се претставува како негов внук и кој му посакува добредојде дома во неговиот роден град во Косово.

А, во меѓувреме, случајот се издигна на политичко ниво, стигнуваат реакции од соседството, а препукувања има и на македонската политичка сцена.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Дачиќ, оцени дека бегството е скандалозно, запраша како е можно лице барано со меѓународно важечка потерница да побегне од куќен притвор и побара одговори од македонските власти.

А, одговор пристигна од премиерот Мицкоски. Меѓусебни „битки“ не смее да се водат на наш грб, смета тој.

Се осврна и на одлуката за куќен притвор на Блерим Рамадани, изречена од судијата Пајазити од Кривичниот суд и побара надлежните институции да се занимаваат со ова прашање.

Според првиот вицепремиер Изет Меџити, информациите коишто пристигнуваат од соседна Србија за конкретниот случај – не се точни.

„Да не дозволиме нашите соседи да ја користат нашата држава како прокси во покажување меѓусебни мускули. Јасна е судската пракса – дали нам нѝ се допаѓа или не, тоа е друга тема. Зошто овој судија прави ваква судска гимнастика и инженеринг, тоа е веќе друга анализа и јас нема да коментирам. Има институција којашто се уште е важечка, се вика Судски совет и тој знаете со какви контроверзи пропратен во изминативе години. Тие нека се занимаваат со ова, јас сум политичар“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија.

 

„Тоа е веќе трета одлука, имаше за Дуголи во минатото, имаше за Морина. И тоа веќе станува судска пракса, мислам дека најверојатно таа судска пракса треба да не насочи како држава да делуваме како и сите други европски држави. Значи за овој случај периодов Србија дава неточни информации и мислам дека тие не треба да се сфатат сериозно во иднина“, вели Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

Реагираа и од опозицијата. Од Демократската унија за интеграција преку соопштение оценуваат дека „пропаднал планот на Вучиќ и моноетничката влада“ за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани.

Според СДСМ, министерот за внатрешни работи Тошковски е директен виновник за бегството на Рамадани од куќен притвор.

„Додека Тошковски и МВР се обидуваат несмасно да спинуваат дека Судот е крив за бегството на Блерим Рамадани, тој веќе е на Косово. Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму?“, се вели во дел од соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Поранешниот припадник на ОВК минатиот месец бил уапсен на граничниот премин Јажинце и веднаш однесен во триесетдневен екстрадициски притвор, а две недели подоцна Судот му ја преиначи мерката во куќен притвор.

Еден ден пред полицијата да констатира дека лицето е недостапно за спровод, судот на барање на обвинителството го прифатил предлогот, куќниот притвор на Рамадани да му се замени со активен.

Од Кривичен суд реагираа дека за надзор и проверка на лицето задолжена е полицијата.

Според министерот за внатрешни, Панче Тошковски, во овој случај вистинското прашање треба да биде – зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен, наместо во ефективен притвор.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во центарот на Штип- еден повреден, напаѓачот во бегство

Дејан Дејан

Политички актер кои прифатил сервилност во Владата вака Села ги коментира изјавите на Таравари

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе