Функционира договорот што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го склучија во почетокот на јуни: Европскиот фронт тогаш придонесе за обезбедување дво-третинско мнозинство неопходно за Законот за органите на управата, а вчера владеачките партии изгласаа формирање Комисија за следење на соодветната и правична застапеност.
Комисијата ќе биде формирана на есен, по враќањето на пратениците од одмор.
Претседател ќе биде пратеник од ДУИ, а другите 12 члена ќе бидат избрани според собраниската методологија. Ова ад хок тело „ќе дава мислења, препораки и заклучоци кои треба да се применат од органите на државната власт и од другите јавни институции“ и за својата работа два пати годишно ќе го известува Собранието.
Од ДУИ потенцираат дека ова ќе биде уште една алатка за следење на правичната застапеност во државните служби.
-Оваа комисија ќе биде дополнителен механизам за превенција на прашањето за правичната застапеност. Ние имаме изборен легитимитет да се грижиме за тоа. Комисијата нема да биде замена за Балансерот. Иако, ние имавме дилеми околу начинот на кој се употребуваше и подготвени сме да разговараме како да се унапреди, изјави за Телма координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети.
На собраниската седница, опозициските СДСМ и Левица ја одмолчеа точката. Потоа, констатираа дека ВМРО-ДПМНЕ пред изборите лажеле дека ќе го укинат вработувањето по етнички клуч и дека ова е проширување на Балансерот.
-Додека ВМРО-ДПМНЕ секој можен ден ја труе јавноста со пресови на кои наводно го напаѓа ДУИ, зад грбот на граѓаните прави дилови. Повторно се заедно. Наместо укинување на Балансерот, го издигнува на повисоко ниво. Сега имаме надграден и проширен балансер за чија примена ќе биде надлежно Собранието. Насабајле Мицкоски вели дека ДУИ ќе ја дестабилизира државата, попладне неговите пратеници гласаат заеднички одлуки со ДУИ, велат од СДСМ.
-Праксата за вработување по етнички клуч сега ќе биде институционално унапредена преку набљудување на нејзиното спроведување од страна на комисија на ДУИ, а партиската војска на Вреди и на ДУИ ќе продолжи непречено да се вдомува во државните институции. Поради непринципиелното пазарење со криминалните структури на ДУИ, станува се помалку веројатно дека ќе се соочи со одговорност. Левица се залага за итно и целосно укинување на Балансерот, се вели во соопштението од Левица.
Правичната застапеност е гарантирана со Устав. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го укине Балансерот поради неговите злоупотреби, но Министерството за јавна администрација до сега само го намали процентот врз основа на пописните резултати за резидентното население.
Соња Николовска