Тело на жена било пронајдено синоќа во опожарен деловен објект во атинска населба, што воедно е и прва жртва во големиот пожар што од неделата го зафати североисточниот дел на областа Атика, додека утрово ситуацијата со огнената стихија е значително подобрена, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот остави изгорени куќи, објекти и огромна материјална штета на голема површина што надминува над 10.000 хектари. Портпаролот на противпожарната служба на Грција, Василис Ватракојанис, доцна синоќа рече дека ситуацијата е подобрена и постојат само помали активни жаришта.
Кусо по 5 часот утрово имаше големо разгорување во близина на населено место во источниот дел на областа Атика и до жителите беше испратена порака за евакуација од бројот 112 за итни случаи.
Пожарот е активен веќе трет ден, интервенираат 702-ца пожарникари со 27 пешадиски тима и 199 возила, како и голем број волонтери, а со првите зраци на сонцето почна гаснењето и од воздух.
Преку Европскиот механизам за цивилна заштита, Грција побарала помош за справување со огнените јазици, а позитивно одговориле Франција, Чешка, Италија, Србија, Романија и Турција, кои испраќаат противпожарни сили.
Воздушни средства испраќаат Турција, два противпожарни авиони тип „Tractors“, Србија еден хеликоптер од типот „Kamov“ и Франција хеликоптер од типот „Супер Пума“, додека, пак, копнените сили ќе пристигнат од Франција (200 лица, со 28 цистерни), од Романија, која испраќа 44 лица со четири цистерни, како и од Србија 35 лица со десет возила.
Од Италија утрово се очекува да пристигнат два противпожарни авиони Канадер, а Чешка испраќа 75 пожарникари и 25 возила, од кои 9 се цистерни.