Македонците ќе си го зачуваат идентитетот само со соживот со Албанците и другите заедници во државата.
Ова е една од пораките испратени од опозициската коалиција Европски фронт предводена од ДУИ, на одбележувањето на 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Интегративците од говорницата порачаа дека нема се откажат од легитимитетот добиен на избори, како победници во албанскиот блок.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, се осврна и на идентитетските прашања и кажа дека сите чинители мора добро да размислат, за да не се повторат грешките од минатото.
„Албанците бараа универзитет. Не бараа пушка, тенкови и топови туку бараа тетратки, книги и молив. Македонците како народ и нација можат да напредуваат само во комуникација, усогласеност и добри односи со Албанците. Инаку, ќе ги голтнат србите, бугарите и грците. Ова не ви го велам само на вас туку и на сите други македонски политички претставници“, вели Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Охридскиот договор ги постави темелите на мирен соживот, со инклузија на малцинските заедници – и сега која е поентата на изборите ако победникот кај малцинските групи не е во Влада, вели Бујар Османи од Демократската унија за интеграција.
Потпретседателот на ДУИ зборуваше и за нацрт-платформата на Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот договор, кого партијата го ангажира за да најде начин за имплементација на принципот „победник со победник“ во идните владини коалиции.
Според Османи, се цели на мерки и практики за етничка еднаквост по примерот на Северна Ирска, Белгија и Швајцарија, но и на други демократски држави.
За лидерот на Алијанса за Албанците од неговото крило, Зијадин Села, овие моменти се соодветни за да се потсетиме на минатото, но и да спречиме да се повторат лошите епизоди.
„Поделбата на извршната власт се однесува на формирање на коалициска Влада каде што сите легитимни претставници имаат загарантирано претставување. Автономијата на групата пренесува право на одлучување за одредени прашања во соодветните заедници“, смета Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.
„Секогаш кога се настојувало да се продолжи едноумието од минатото, по правило секогаш од страна на македонските политички партии се тргале на страна етничките теми и тие секогаш се занимавале со економските теми“, кажа Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
Настанот за одбележување на годишнината од потпишувањето на Договорот, организиран од Европскиот фронт носеше наслов „Академија за легитимитет“.
Се одржа еден час пред свечената владина седница, на само неколку километри оддалеченост од зградата на Владата.
Петар Догов