Вести Македонија Најважни

Поднесено е обвинението против првообвинетиот Палевски, за свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Повеќе од осум месеци по злосторството и откако се комплетира истрагата, обвинителството поднесе обвинение за Љупчо Палевски, за свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Палевски се товари за две дела грабнување и две убиства на свиреп начин.

Обвинителството официјално побара и спојување на двете постапки во судскиот процес.

„Надлежниот обвинител поднесе и предлог за спроведување единствена постапка против овој обвинет и уште четири лица кои претходно беа обвинети за истиот настан, со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази“, се вели во дел од соопштението на Јавното обвинителство.

Според Кривичниот законик и казните пропишани во него, на Палевски му се заканува казна доживотен затвор. Особено е потенцирано убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, преку цитирање на посебен член од Законикот.

„Со затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што: 1) друг ќе лиши од живот на свиреп или подмолен начин, и 7) ќе лиши од живот женско лице за кое знае дека е бремено или малолетно лице“, се вели во дел од Членот 123 од Кривичниот законик.

Во обвинителниот акт пишува дека обвинетите, помогнати од таткото на малолетната Ѓорчевска, извршиле грабнување на девојчето на влезот од зградата во Центар каде што таа живеела, ја врзале и ја однеле во атарот на село Бразда, каде што на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот, информираат од обвинителството.

Претходно, обвинетите го грабнале 74-годишниот Панче Жежовски во Велес, со намера да му го одземат возилото и да го искористат за грабнување на малолетната Ѓорчевска.

Жежовски бил убиен на свиреп начин со огнено оружје, во околината на Велес.

Судењето на соизвршителите при грабнувањата и убиствата – Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски требаше да започне на триесетти јули.

Сепак, главната расправа за двојното свирепо убиство е закажана на 4 септември, откако обвинителството побара одложување со цел спојување на постапката, бидејќи во меѓувреме заврши истрагата и за првоосомничениот во случајот, Љупчо Палевски, и Кривичниот суд го прифати барањето.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Политички актер кои прифатил сервилност во Владата вака Села ги коментира изјавите на Таравари

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа на Римокатоличката црква

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе