Пожарот што започна во неделата попладне во Варнава „брзо напредува и стигна до планината Пентели“. Големиот шумски пожар беснее и е надвор од контрола во северните делови на грчката престолнина.
Властите во голем број предградија наредија итна евакуација на населението бидејќи силните ветрови ги попречуваат напорите за зауздување на огнената стихија.
Пожарот се движи низ суви борови шуми, а со огнената стихија на терен се борат 670 пожарникари, поддржани од 27 тимови специјално обучени за справување со шумски пожари, вклучувајќи и повеќе од 80 припадници на вооружените сили.
На терен од воздух дејствуваат 17 авиони и 15 хеликоптери.
– Се плашиме од пожарот. Се обидуваме да направиме нешто сами со резервоари и пумпи за вода и чекаме тука, раскажува жител на една од погодените области.
Ситуацијата се влоши, како што и предвидуваа метеоролозите, а дополнително се очекува зајакнување на ветровите во наредните часови.
Тие и до сега придонесоа пожарот да се прошири на огромна територија, уништувајќи сè што ќе му се најде на патот.
Рано утринава огнот стигнал до Пентели каде беше издадена наредба за итна евакуација на Палеа и Неа Пентели и двете болници во околината.
Властите соопштија дека пламенот наместа достигнува висина и од над 25 метри.
– Дојде противпожарната бригада и хеликоптери кои фрлија голема количина водата. За среќа за сега се е во ред, вели жител на Пентели.
Во моментов три болници во Атина се ставени во состојба на зголемена готовност. Локалните медиуми објавија дека двајца пожарникари се полесно повредени, додека неколку цивили се згрижени во болниците поради вдишување чад.
Грчката крајбрежна стража нареди сите фериботи кои одат до и од блиското пристаниште Рафина, кое главно ги опслужува кикладските острови и Крит, да бидат пренасочени кон пристаништето Лаврион поради пожарот.
Пожарот гори во широк лак на североисточните рабови на главниот град, испраќајќи облаци од чад над центарот на Атина.
– Жителите на североисточна Атика од вчера попладне се соочуваат со исклучително опасен шумски пожар со кој се бориме повеќе од 20 часа под драматични услови. Овие предизвици се должат на силните ветрови, долготрајната суша и многу тешкиот и нерамен терен со густа шума. Во моментов се води жестока битка на два фронта, едниот во областа Калитехнуполи и другиот во областа Граматикос. Состојбата е подобрена во областите Дионисос, Варнава и Микрохори, вели Василис Кикиљас министерот за климатски кризи и цивилна заштита.
Метеоролозите и владините претставници поради зголемената опасност од шумски пожари половина од земјата ја ставија под „црвен аларм“.
Според прогноците топлотниот бран ќе трае до четврток.
Противпожарната служба апелираше до жителите да ги следат наредбите за евакуација издадени од цивилната заштита, а дел од луѓето да не одбиваат да бидат евакуирани бидејќи на тој нажин во опасност ги ставаат своите но и животите на лицата ангажирани во спасувачките служби.
Александар Петрески