По вчерашната прес-конференција на премиерите на Косово и Македонија со реакција се Јавија од кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи.
Начинот на кој беше претставен инцидентот во Скопје на вчерашната прес-конференција е за жалење бидејќи уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово. Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот, па затоа Претседателството очекува да биде известено за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што беше истакнато во протестната нота упатена од Република Косово, се вели во соопштението на кабинетот на Вјоса Османи.
Од кабинетот на Османи додаваат дека го ценат тоа што премиерот Мицкоски изразил жалење, но дека досега макеоднските институциите во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното право, напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување.
Од Кабинетот на косовската претседателка повторуваат дека Вјоса Османи никогаш не побарала пречекорување или прекршување на процедурите, туку почитување на меѓународните правила, како што се прави во целиот свет и додаваат дека оваа ситуација лесно може да се надмине доколку се има политичка волја од официјално Скопје.
За инцидентот на скопскиот аеродром, косовскиот премиер Курти рече дека претседателката Османи била ставена во непријатна систуација, но ќе чека официјални извештаи за да се определат акциите на косовската дипломатија за случајот. Македонскиот премиер Мицкоски рече дека се почитувани сите процесури за безбедност на комерцијални летови и се понуди наредниот пат тој да ја продружува Османи додека чека авион.