Вести Македонија

Вреди инсистира на Академија на Албанците

Бројните реакции и негативни мислења не ги поколебаа партиите од „Вреди“. Политичкото координативно тело на оваа коалиција одржа работен состанок и одлучи „да ѝ даде политичка поддршка и поголем легитимитет на Академијата на Албанците за наука и уметност“. „Вреди“ тврди дека се работи за подигнување на образовните стандарди и научната креативност. Нема намера да им нанесува политичка штета на коалициските партнери, но своите „програмски заложби нема да ги прилагодува заради личен комфорт во Владата“.

-Договорот за формирање Влада е јасен – за одредени прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност, како правичната застапеност на Албанците во институциите, или прашањето за Академија на Албанците за Македонците, да се покренуваат иницијативи и да се обидуваме да наоѓаме заеднички прифатливи решенија. Така функционира секоја демократска Влада составена од партии со различни идеолошки и политички определби. Формирањето Академија на Албанците е рефлексија на одредени негативни состојби во државата, заради кои во некои институции се уште нема место за Албанците, изјави Башким Муртези од „Вреди“.

Муртези најавува дека решение за ова прашање „ќе се бара заедно“. Но, не дава објаснување дали можно решение е вработување Албанци-административци во МАНУ, бидејќи научната мисла не подлежи на Балансер. И премиерот Мицкоски укажува дека никаде во светот не постојат етнички научни институции.

-Единствена институција која ја собира научната мисла и научниците од различни етнички заедници во Македонија е МАНУ. Тука завршува и почнува се. Се останато е фолклор и можеби некаков политички маневар, рече вчера претседаелот на Владата, Христијан Мицкоски.

Академија на Албанците е неприфатлива и за ЗНАМ. Уверуваат дека тоа не е дел од владината програма и му порачуваат на „Вреди“ да се насочи кон економски и реформски прашања. И покрај меѓупартиските несогласувања и префрлања по ова прашање, партиите од владеачката коалиција тврдат дека меѓу нив владее колегијална атмосфера, без поголеми разлики.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Официјална Бугарија не се извинува туку бара извинување од Мицкоски

Дејан Дејан

Крвава пресметка на битолскиот пазар заради местоположба на тезгите – 42-годишник од зад грб се обиде да убие тезгаџија со нож

Дејан Дејан

Мапи со горливи точки објави ЦУК – централниот дел на земјава под висок ризик од пожари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе