Откако вчера беше убиен политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, денеска Израелската армија соопшти дека во воздушен напад во Кан Јунис на 15 јули, бил убиен и лидерот на военото крило, Мохамед Деиф. Информацијата за неговата смрт пристигнала преку анализите на военото разузнавање, а ја потврди и премиерот Нетанјаху.
Откако завчера го елиминиравме шефот на генералштабот на Хезболах, денеска ја добивме и конечната потврда за атентатот врз шефот на генералштабот на Хамас, Мохамед Деиф. Деиф беше одговорен за грозоморниот масакр на 7 октомври, но и за многу други смртоносни напади врз граѓаните на Израел. Тој со години беше број 1 на листата најбарани во Израел. Со неговата елиминација утврдивме еден многу едноставен принцип, кој и да не повреди, ние ќе му вратиме, рече нетанјаху.
Потврдата за елиминациајта на Деиф доаѓа по атентатите врз Ханије и лидерот на военото крило на Хезболах Фуад Шукур во предградие на Бејрут, и ја зголемува опасноста од разгорување на конфликтот со либанската милитантна организација.
Лидерот на Хезболах, Хасан Нарсала, денеска порача дека повеќе не станува збор за изолирани конфликти, туку за еден голем и битката се води на сите фронтови.
Веќе се соочуваме во голема битка, ова повеќе не се споредни фронтови. Се води битка во Газа, се води битка во јужен Либан, се води битка во Јемен, па дури и во Ирак, и сето тоа се случува во исто време. Напад во Ходеида, напад во Џарф Ал Шахр вчера, а ден претходно во Ирак. Додека во Техеран беше убиен лидерот Исмаил Ханије, во исто време во Дахија беше убиен и Фуад Шукур. Ова повеќе не се различни фронтови, туку отворена битка на сите фронтови, порача Нарсала.
Убиствата на Ханије и Деиф им го нанесоа последниот, а можеби и фатален удар на преговорите за примирје во Газа, на тоа на Шукур се заканува војната во Газа да ја претвори во регионален конфликт со интензивирање на борбите со Хезболах.
Игор Трајков