Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се огласи со статус на Фејсбук во кој вели дека министерството ќе преземе жестоки мерки кон секое лице за кое ќе биде утврдено дека намерно подметнало пожар.
Ваквиот негов коментар доаѓа како реакција на обвинувањата на СДСМ од каде посочија дека МВР до сега нема откриено ниту еден сторител кој ќе сноси одговорност за предизвиканите штети од пожарите кои ги пеплосаа македонските шуми.
– Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности. Воедно, сакам да потенцирам дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани, се вели во статусот на Тошковски.
Во продолжението на неговиот статус како демант на тврдењата на опозициската СДСМ, Тошковски објави и извадоци од полицискиот билтен за откриени сторители кои биле затекнати или има докази против нив дека подметнале пожар.