Вести Македонија Најважни

Телма репортажа: Изумира Велешкото езеро – се гуши во алги измешани со фекалии, а брегот смрди на сулфур

„Бисер во центарот на Македонија“ – вака рибарите знаат да кажат за Велешкото езеро. Но, денеска, како и цела година наназад, ниту еден епитет не е погласен од апелот за спас на оваа водна површина.

Смрдеата е прво нешто коешто нѐ пречека во близина на брегот на езерото.

„Мириса на сулфур, но ова не е ништо“, велат од Здружението на рибари. Миризбата се засилува ноќе, кога се смирува ветрот и така сите во околината знаат дека нешто не е во ред.

Наоколу се градат објекти, има ресторани и местото традиционално е посетено особено во викендите.

Но, проблемот не лежи во тоа туку истиот треба да се бара во околните населби, поради кои наместо риби, во водите пливаат фекалии, велат познавачите.

Луѓето кои доаѓаат на еден ден можеби не забележале кога за првпат се влошила хидробиолошката состојба на Велешкото езеро.

„Лани за првпат е видено појавување на оваа алга или на оваа смеса, ова веќе не е алга. Меѓутоа ајде да речеме дека лани беше во некоја мала количина и не беше толку алармантно, мислејќи дека ова е некој процес на трска, на дрва кои се потопени во водата и така натаму. Но, испаднаа извештаите и се поразителни! Во некои делови на езерото имаме трет степен на загаденост, во некои делови има четврти степен, но застрашува моментот на петти степен загаденост, односно ете – изумирање на езерото „Младост“, изјави Даниел Наумоски, претседател на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ – Велес.

Потврда за лошата состојба во којашто се наоѓа езерото „Младост“ пристигна од Хидробиолошкиот завод – Охрид.

На тринаесет страници се образложени резултатите од микробиолошките анализи на водата.

Препораките се јасни – итно да се делува за спас на водите.

Доколку е можно, препорачливо е и снабдување на акумулацијата со свежа вода.

„Препорачуваме механичко отстранување на масите од алги како и душеците мртва растителна маса од површината на водата. Исто така, неопходно е итно багерирање на конгломератите кои се наталожени на дното на акумулацијата“, стои во дел од Извештајот на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.

На различни точки на брегот, различна е и глетката иако лошиот мирис е постојан сопатник по шеталиштето.

„Овде на лице место камерата може да ја долови само лошата глетка на густа смеса којашто плови на површината на водата. Но, она што е можеби и поизразено на самата локација е лошата и непријатна миризба и таа се чувствува насекаде по брегот на Велешкото езеро.“

Рибарите се самоорганизираат, чистат, ја собираат смесата или како што велат од Хидробиолошкиот завод –  овие густи пивтиести наслаги со жолто-кафеава боја.

Потоа, отпадот се складира на соодветно место и не се создава дополнително загадување на природата, појаснува претседателот на Здружението на спортски риболовци, Наумоски.

Сепак, тој апелира да се дојде до изворот на проблемот, за да може да се делува понатаму.

„Имаме голема населеност. Самиот Државен инспекторат излезе со извештај каде што посочува дека голем дел од населбите што се од јужната страна на езерото, Сојаклари и Отовица, не се приклучени на канализација односно на колекторскиот систем. Не знаеме ние каде одат тие води. Дали тие води директно се сливаат преку Отовичка река во Велешкото езеро или имаат подземни јами, па преку некои подземни води се влеваат во езерото?! Значи таа фекалија доаѓа од некаде. Идејата е дека ние треба најпрво да мапираме од каде нѝ доаѓа проблемот“, вели Даниел Наумоски од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“.

Додека водите чекаат институционално решение за спас, на брегот глетката е ваква.

И тоа дополнително го влошува амбиентот на делови од Велешкото езеро, каде што доминира лошата миризба.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа на Римокатоличката црква

Дејан Дејан

(Видео)Бел чад од Сикстинската палата – Избран нов Папа на римокатоличката црква

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе