Вести Македонија Најважни

„Борбата трае“ ќе биде слоган за годинашниот Ден на Републиката – централниот настан на 2 август во Крушево

Под слоганот „Борбата трае“ годинава ќе биде одбележан еден од најголемите национални празници во Република Северна Македонија, 2 Август – Денот на Републиката.

„Централната манифестација, како и секоја година, ќе се одржи на 2 Август во Крушево, на месноста Гумење, на Мечкин Камен. На оваа свеченост обраќање ќе има претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Оваа манифестација претставува значаен момент за сите граѓани на нашата држава каде ќе се оддаде почит на хероите кои ја обележаа нашата историја“, соопшти денеска владината прес-служба.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова ќе го посети манастирот „Свети Прохор Пчињски“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод на Пелинце. Нејзиното обраќање, како што е наведено во соопштението, ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувување на националниот идентитет и традиции.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието. Овој чин, како што се посочува во соопштението ,ќе биде симбол на почит и сеќавање на нашите предци кои ги поставија темелите на нашата држава.

„Со слоганот „Борбата трае“ сакаме да ја пренесеме пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела 10 дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Праксата покажа дека најдобро е и за повредените и за семејствата сите следни фази од лекувањето да се одвиваат во Кочани, вели директорот на ФЗОМ

Дејан Дејан

Федерален суд го блокира обидот на Трамп за промена на изборното законодавство во САД

Дејан Дејан

Државата беше побавна затоа што мора да следи правила и процедури, вели Клековски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе