Две партии – две различни читања на Ребалансот на буџетот. Опозицијата го смета за хаотичен, нефокусиран и ориентиран не кон реформа туку кон реализирање на предизборните ветувања. Власта го објаснува како принудно „крпење дупки“ што зад себе ги оставила претходната Влада, што треба да донесе спас од банкрот на државата.
„Актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно дека нема фокус. Влегува во целосен хаос, а тој хаос наскоро ќе го осетат граѓаните. Дури и признати експерти од финансиската сфера, го нарекуваат ребалансот “загрижувачки“. Зошто? Јавниот долг се проектира да надмине 68% од БДП до крајот на годината, што значи зголемување од 10 процентни поени од нивото на првиот квартал“, рече пратеничката од СДСМ Даниела Николова.
„Дали не требаше претходната Влада да предвиди пари за претходно најавуваните ваучери? И тоа се исправа сега со овој буџет. Не е коректно за фокусот. Фокусот ќе биде понатаму. Прво да се стабилизираме, консолидираме, па после во следниот буџет ќе имаме основа за развојни проекти“, реплицира Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.
Растот на платите и на пензиите, субвенциите за земјоделците, социјалните категории, но и висината на јавниот долг и на буџетскиот дефицит останаа во фокусот на пратениците.
„Лажна е тезата дека нема за покачување на платите. Прво за високо-образовните институции – вие што ја презедовте како обврска и не ја испочитувавте, ние ќе ја испочитуваме до крајот на годината, а со новиот буџет ќе се искалкулираат средства за да може да растат платите. Планот на ВМРО ДПМНЕ и концептот за економијата е прво со реализација на капиталните инвестиции да се покачи економијата а второ преку покачување на платите и пензиите да се бустира потрошувачката, со што ќе се покачат и приходите во буџетот“, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе поддржиме максимално секаква соработка со синдикатите и исполнување на нивните барања. Работниците и работничката класа се тие што ја градат економијата како и државата. Во таа насока, охрабрувам уште еднаш да најдете соодветни решенија со синдикатите по однос на нивните барања за минимална плата од 450 евра“, возврати Митко Трајчулески од СДСМ.
Со ребалансот се планираат приходи од 318 а расходи од 362 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1, инфлацијата на 3,5, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. По тридневна општа расправа ќе се премине на разгледување на 58-те поднесени амандмани. Се планира Ребалансот да биде изгласан во првата половина на август.
Соња Николовска