Трошоците за објектите и организацијата на Олимпијадата и Параолимпијадата во Париз се фиксирани на 8,9 милијарди евра. Во извештајот на „S&P Global Ratings“ се наведува дека крајната сметка за Игрите во француската престолнина ќе биде под 10 милијарди долари или 25 отсто повеќе од првично проектираниот буџет.
Се очекува дека обезбедувањето на Олимписките игри (Париз се соочува со ризици како ниту еден друг град домаќин во поновата историја), уште повеќе ќе го зголеми трошоците. Франција објави дека распоредува 45.000 полицајци и војници и 50.000 приватни лица за обезбедување на настанот во Париз и неговата околина. А, за да избегне штрајкови во олимписките денови, државата се согласи да понуди бонуси и бенефиции.
Дополнителен трошок беше и чистењето на реката Сена. Потрошени беа 1,4 милијарди долари за спортистите да можат да пливаат во неа. Исто така, постојат и 3,5 милијарди евра за проширување на линијата на метрото за бројот 14.
И покрај се, Организацискиот комитет на Олимписките игри инсистира на тоа дека „Игрите се прилично евтини“.
Какви се трошоците во споредба со претходните Олимпијади?
Олимписките игри во Париз засега се поевтини од Игрите во Лондон во 2012 година (16,8 милијарди долари), од Рио де Жанеиро во 2016 година (23,6 милијарди долари) и од Токио (преку 13,7 милијарди долари), според студијата чиј кокреатор е „Баџиер“ (Budzier).
Според извештајот на „S&P Global Ratings“, Игрите во Рио де Жанеиро и во Токио отстапија од првобитните буџети за повеќе од 350 отсто, односно за 280 отсто.
Работата на Берт Фливбјерг, економист од Оксфорд, од 2020 година открива дека „секоја Олимпијада од 1960 година го надминала буџетот“ во просек за 172 отсто во реален износ. Тоа претставува најголемо надминување што е забележано за било кој вид на мегапроект.
Се поставува прашање како Игрите во Париз го надминале буџетот за само 25 отсто?
Одговорот е во постоечката инфраструктура. Околу 95 отсто од објектите кои се предвидени за користење на Олимписките и на Параолимписките игри во Париз постоеја и пред победничката понуда на „Градот на светлината“. Потоа се изградија само три – Олимпиското село што чинеше 1,6 милијарди долари, Центарот за водени спортови вреден 190 милиони долари и местото за гимнастика и бадминтон од 150 милиони долари.
Зошто тогаш градовите се нафаќаат да бидат домаќини, со оглед на големите трошоци?
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) соопшти – „Одржувањето на Олимписки игри создава силна економска корист“. Се наведува дека одржување на Игрите отвора повеќе работни места, го поттикнува туризмот и го подобрува финансиското здравје на градот. Во извештајот на Универзитетот во Лимож се наведува дека Олимписките игри 2024 ќе донесат нето економска корист за Париз од речиси 12,2 милијарди долари.