Избор меѓу слобода и хаос. Ова е пораката што ја прати потпретседателката на САД, Камала Харис од Висконсин во пресрет на ноемвриските избори за наследник на американскиот претседател Џо Бајден. На првиот предизборен митинг таа нагласи оти верува во иднината во која, како што истакна, секој има право, не само да преживува, туку и напредува. На сцената излезе со песната „Слобода“, а во говорот пред поддржувачите рече дека во САД „предаторите го злоставуваат жените, но и дека потрошувачите се пљачкаат“.
Во нејзината кампања, по повлекувањето на Бајден од изборната трка, потенцира дека „луѓето се на прво место“, за разлика од онаа на Трамп во чиј фокус, според неа, се корпорациите и интересите. Политиката на републиканскиот претседателски кандидат ја опиша како застарена и заостаната и го обвини дека сака да ја уназади земјата.
Харис од неделата, кога ја презеде предизборната трка од Бајден, собра уште 100 милиони долари од донации за кампањата. Како најизвесна кандидатка на демократите, која се очекува да биде потврдена и на Националната конвенција од 19 до 22 август, таа е во мала предност од два процентни поена во однос на републиканскиот ривал Доналд Трамп, покажува најновата анкета на Ројтерс/Ипсос.
Резултатите од анкетата покажуваат дека Камала Харис има 44 отсто поддршка, наспроти Трамп кој има 42 процента. Харис и Трамп беа израмнети со 44 отсто поддршка во анкетата која што беше спроведена на 15-16 јули, додека Трамп водеше со еден процентен поен во анкетата на 1 и 2 јули. Околу 56 отсто од регистрираните гласачи се сложиле со тврдењето дека 59-годишната Камала Харис е „ментално способна да се носи со предизвиците“ во споредба со 49 отсто на оние кои го мислат истото за 78-годишниот Трамп.
Сашко Димовски