Милионите од заемот од Унгарија кој се наменети за стопанството треба да завршат во компании кои имаат синдикални организации, за да нема злоупотреби. Ова е ставот на најголемиот синдикат во земјава ССМ, по најавата дека за бизнисот од овој кредит се обезбедени 250 милиони евра. Водени од претходните искуства синдикатите стравуваат дека ако средствата паметно не се распределат, дел од работодавачите ќе ја изиграат државата.
-Гледаме како на опасност да работодавачите во приватниот сектор повторно за нашите народни пари кои ние ќе ги враќаме како кредити во наредните 15 години особено поради неславните искуства претходно со финансиската поддршка која ја добиваа дури и за исплата на плати на работници а не го направија тоа, вели за Телма претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Од бизнисот сметаат дека условите за подигање на парите од предвидените 250 милиони евра се поволни.
Синдикатот се спротиставува и на барањето од Стопанската комората да се разгледа Законот за недела неработен ден. Бараат тука ништо да не се чепка затоа што се уште има и работодавачи кои не ги плаќаат прекувремените работни часови
-Синдикатите разговараат за ова прашање со Организацијата на работодавачи која е репрезентативна организација и ги преставува работодавачите. Сакаме да и укажеме на Стопанската комора дека имаше можност и си ја пробаа среќата пред Уставниот суд која неславно заврши, додава Трендафилов.
Првиот човек на Стопанската комора Азески вчера рече дека би сакал да се види со синдикатите и дека треба со нив да се разговара за ова.
Би сакал да се видам со синдикатите затоа што не се дојдени и да седнеме да разговараме, имаме свој аргументи и јавно ги кажавме и тоа беше и на Уставен суд ние зборуваме дека за секој закон до системски карактер треба анализа по шест месеци за да покаже што треба да се корегира,вели претседателот на СКМ, Бранко Азески.
Од ССМ пак велат дека не прифаќаат средба на која треба да се разговара за укинување на едно вакво работничко право.
Ирена Чачкова