Еден од дипломатските службеници во амбасадата во Брисел, Бесиан Ахмети е осомничен за случајот со злоупотреба на концесија за минерални суровини.
Дипломатот за економски прашања Бесиан Ахмети е внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и брат на многу попознатиот Дрин Ахмети, а двајцата се осомничени вчера од МВР за злоупотреба на концесија за минерални суровини бидејќи полицијата откри дека не ја плаќале концесијата.
Штетата од злоупотребата е над 1,6 милиони денари односно околу 27 илјади евра.
Дополнително, покрај внуците на Али Ахмети, осомничени се уште 7 државни службеници од Министерството за економија и од Државниот инспекторат за техничка инспекција затоа што не вршеле надзор и овозможиле да не се исплатат парите на државата.
Станува збор за концесијата која ја добила фирмата Еверест ЏД и во која актуелниот дипломат во Брисел Бесиан Ахмети бил директор до 2017-та кога неговиот брат Дрин Ахмети ја презел и продолжил да ја ползува концесијата.
МВР соопшти дека и покрај пропустите, наместо да добие забрана, фирмата Еверест конкурирала и добила два тендери од ЕСМ и од прилепски Водовод во вкупна вредност од околу 8,6 милиони денари односно околу 140 илјади евра.
Седиштето на фирмата Еверест се наоќа во Соравиа, чија купопродажба е во тек и се изведува од страна на групација предводена од Дрин Ахмети.
КОД на Телма во минатото издание објави дека од Америка, од сопственикот на стриптиз бар во Тексас, Ник Назар Мехмети биле уплатени 4,5 милиони долари на сметка на Тхор-втората фирма на Дрин Ахмети.
Обвинителството го истражува обидот за купување на Соравиа, а одговорија дека во таа предистрага побарале меѓународна правна помош и од САД.
Од Америка на сметката на внукот на Али Ахмети се пристигнати средства во три наврати, лани три милиони евра, а оваа година во март и во април, 4,5 милиони долари.